Болницата во Козле доби центар за цистична фиброза за деца

Болницата во Козле доби центар за цистична фиброза за деца
Болницата во Козле доби центар за цистична фиброза за деца
Дечињата кои треба да бидат хоспитализирани, повеќе нема да треба да се одвојуваат од своите мајки. Во новата клиника во Козле, сега се обезбедени сите услови за престој и на мајките на пациентите. Ова е само една од низата придобивки кои пациентите ги добиваат со отворањето на новата зграда во Институт за белодробни заболувања-Козле.

Денес во овој објект беше отворен и центарот за цистична фиброза за деца, младинци и возрасни.

Директорот Оливер Зафировски во дневникот на ТВ НОВА објасни дека болницата ги исполнува сите европски стандарди.

-Конечно оваа детска болница во однос на стручниот дел, ние сме со децении на сите еминентни конгреси и симпозиуми. Донација е од шведска и норвешка Влада, а Каролинска болница во Шведска која е една од водечките клиники во свет, ни е патрон. Ние имавме можност да учиме од шведски и норвешки клиники. Сега освен знаењето имаме и нов објект кој е од големо значење. Воведуваме теле-медицина која ќе биде значајна и за пациенти со цистична фиброза. Ќе можеме со нашите колеги од Англија, Шведска, Франција, од еминентни центри преку теле-медицина да искористиме да поставиме дијагноза, а ако некое испитување го немаме во Македонија, да го направиме надвор, истакна директорот за ТВ НОВА.

Снежана Бојчин, претседателка на здружението за цистична фиброза вели дека болните имале многубројни предизвици, недостигал кадар, физиотерапевти…. Но, денес се прави крупен чекор во решавање на проблемите.

-Ова решение што се донесе за Центарот на цистична фиброза да биде префрлен во новата детска клиника Козле е едно од најголемите решенија во однос на подобрување на третманот на болните со ЦФ. Сметаме како здружение, пациенти и како родители дека навистина за кратко време ќе бидеме сведоци на значително продолжување на животниот век на овие пациенти и подобрување на квалитетот на живот на пациентите, рече таа во дневникот на ТВ НОВА.