Македонија

Повик до младите Македонци од Латинска Америка да учествуваат во „Родум од Македонија“

Повик до младите Македонци од Латинска Америка да учествуваат во „Родум од Македонија“
Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД) соопшти дека нуди грант од по 500 долари за двајца Македонци кои живеат во Латинска Америка со цел тие да учествуваат во летната сесија на Програмата „Родум од Македонија” во 2016 година.

Грантот ќе ги покрие трошоците за аплицирање за Програмата „Родум од Македонија“. Кандидатите треба да бидат на возраст помеѓу 18 и 29 години и да имаат македонско потекло.

Грантовите ќе им бидат доделени на прво пријавените учесници откако успешно ќе ја завршат летната сесија на „Родум од Македонија” и ќе се вратат во нивните земји.

Апликациите мора да бидат пристигнати до 1 јуни. Се проценува дека во Латинска Америка живеат околу 70.000 до 80.000 Македонци. Сепак, многу од нив немаат контакти со други Македонци во нашата дијаспора заради мешани бракови и претопување во други култури.

“Родум од Македонија” има за цел да воспостави мост за поврзување со нашите сонародници во Латинска Америка.

ОМД ги охрабрува своите поддржувачи од дијаспората да ги исконтактираат роднините, пријателите или познаниците кои живеат во Латинска Америка, а кои имаат целосно или делумно македонско потекло со цел да се пријават за овие грантови.

„Родум од Македонија” им ја нуди на младите можноста да ја посетат Македонија, да го реоткријат своето потекло или да го откријат за првпат, да бидат стажанти во програми кои се компатибилни на нивните академски или професионални афинитети или нивните севкупни интереси, да живеат со фамилии – домаќин и да се интегрираат во општественото ткиво на земјата, да работат рамо до рамо со други млади Македонци од странство како и со млади од државата со цел напредок на нашата татковина и да изградат доживотни пријателства.