ВМРО-ДПМНЕ: За СДСМ полесно е да се рушат институциите, отколку да се признае сопствената некадарност

СДСМ врши најгруб притисок врз Уставниот суд и институциите, со цел да ја покријат својата некадарност и безидејност за фер политичка битка, сметаат од ВМРО-ДПМНЕ.

– СДСМ најгрубо врши притисок врз Уставниот суд бидејќи лидерството на партијата нема капацитет за да признае дека губи на избори поради сопствената неспособност. Затоа СДСМ го поларизира силно народот и го насочува кон рушење на институциите на државата и системот. За СДСМ полесно е да се рушат државните институции, отколку да се признае сопствената некадарност и безидејност за фер политичка битка, која ја прикриваат  со деструкција и насилие  врз секој што не размислува по теркот на „Бихаќка“, се вели во денешното соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека СДСМ вршела притисок врз Уставниот суд и во 2009 година, но тогаш, како што посочуваат, сакала да ги поништи измените во законот за помилување кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ и тврдеше дека се неуставни.

– ВМРО-ДПМНЕ останува на истиот став околу Законот за помилување како и во 2009 година. Во 2009 година организацијата која нема сопствен став „СДСМ 2009“ беше категорично против измените на законот за помилување кои ги предложи ВМРО-ДПМНЕ. Денес организацијата која нема сопствен став „СДСМ 2016“ е за измените во законот за помилување. Единствената разлика меѓу СДСМ 2009 и СДСМ 2016 е што тогаш претседател на Македонија беше Бранко Црвенковски кој имаше моќ да аболицира криминалци како Зоран Заев, се вели во партиското соопштение.

Казната за ваквото однесување на СДСМ, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, доаѓа на 5 jуни кога, како што потенцираат, граѓаните ќе им пресудат, а пресудата ќе биде правосилна и извршна.

Од партијата истакнуваат дека секој ден СДСМ си додава по некое ново име на нивната листа на отстрел на уставни судии кои не одлучуваат според наредбите од „Бихаќка“. СДСМ, велат од партијата, такви листи правеше и кога беше на власт и за 10 минути промени 617 судии и стотина обвинители.

– Со ваквиот срамен притисок врз Уставниот суд, СДСМ уште еднаш го покажува вистинското лице и вистинскиот капацитет. СДСМ најавува дека ако дојде на власт ќе воспостави тотална контрола врз судството. Затоа СДСМ не доаѓа на власт, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.