Анкета „Павел Шатев“: На 5 јуни за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 37,9, а за СДСМ 16,1 отсто

На предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни за ВМРО-ДПМНЕ би гласале  37,9 отсто, додека за СДСМ  16,1 отсто од исптаните 1.075 македонските граѓани, покажува телефонската анкетата спроведена од 13 и 15-ти овој месец од Институтот Павел Шатев.

Од испитаниците за ниту една партија не би гласале  26,9 отсто, 15,3 отсто немале одговор, додека 3,8 отсто би го дале гласот за друга партија.

На прашањето кого би го избрале за иден премиер ако треба да се одлучите меѓу Никола Груевски и Зоран Заев, поголем број од испитаниците, односно 52,3 отсто се изјасниле за Никола Груевски, 19, 1 отсто за Зоран Заев, а 28,6 не дале одговор.

Од испитаните граѓани 64,3 отсто посочиле дека немаат доверба во работата на Катица Јанева и Специјалното јавно обвинителство, 23,4 отсто дека имаат, додека 12,3 отсто немале одговор.

Вкупно 67,8 отсто од испитаниците сметаат дека не се издржани обвиненијата на Катица Јанева и Специјалното обвинителство за одредени функционери на власта или тие се политички мотивирани, додека 20,7 отсто сметаат дека се издржани. Останатите 11,5 отсто не дале одговор.

На прашањето дали обвиненијата на СЈО за одредени функционери на власта ќе влијаат на вашата одлука за кого да гласате на изборите, 88,4 отсто од испитаниците одговориле негативно, 5,1 отсто дале потврден одговор, додека 6,5 отсто не дале одговор.

Поголем дел од испитаниците, односно 67,2 отсто сметаат дека работата на Катица Јанева и СЈО претставува обид на политички притисок врз власта, 19,8 отсто дека тоа е во насока на унапредување на правниот систем и правдата во Македонија, додека 13 отсто не дале одговор.

Во телефонското истражување кое било спроведено на ниво на Република Македонија, биле опфатени сите шест изборни единици, како и повеќе демографски карактеристики на населението вклучително пол и возраст, а исто така била направена поделба и според руралните и урбани места на живеење при што Скопје е земено како посебна целина.

Како што посочуваат од Институтот Павел Шатев, целта на анкетата била да се дознаат перцепциите на граѓаните кои во најголем дел гласаат за двете најголеми партии во Република Македонија, односно за ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, поради што во истражувањето не биле вклучени испитаници Албанци, со оглед, како што додаваат, дека тие генерално гласаат за етничките албански партии. Сите останати етнички заедници биле вклучени во истражувањето.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.