Сириза и Независни Грци наводно ги закопале секирите околу оставката на Музалас

Членовите на грчката коалициска Влада наводно се согласиле да ги надминат нивните разлики околу тоа дали министерот за миграциска политика Јанис Музалас треба да поднесе оставка, по самитот на ЕУ за бегалци во Брисел, јавува дописникот на МИА од Атина.

Ова го пишува „Катимерини“ додавајќи дека одлуката уследила по два дена огорченост предизвикана од барањата на коалицискиот партнер и националистички лидер на Независни Грци Панос Каменос за разрешување на Музалас откако го употреби името Македонија во интервју за телевизијата „Скај“.

Пратеничките групи на двете владејачки партии вчера одржале состанок во обид да ги надминат разликите и наводно се согласиле дека кризата која се закануваше да ја разниша Владата, само ќе ја ослабне позицијата на премиерот Алексис Ципрас, а со тоа и на Музалас, за време на преговорите во Брисел.

Кабинетот на Ципрас, исто така, побара од министрите да се воздржат од јавни изјави кои можат да потпалат понатамошни тензии. Каменос во својот дом се сретнал и со државниот министер Никос Папас со кого се согласиле да ја смират реториката.

Сепак, нагласува „Катимерини“, неколку водечки независни грчки функционери инсистираат на тоа дека случајот Музалас не е затворен. Во исто време, владини претставници вчера во Брисел, наводно, рекле дека времето работи на страната на Музалас и оти барањата за негова оставка наскоро ќе бидат надминати со одлуките донесени на самитот на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, во овој контекст е и денешната изјава на претседателот на грчкиот парламент Никос Вуцис, кој за информативниот портал „Њуз247“ рече дека не постои ризик за стабилноста на Владата поради случајот Музалас.