Иванов: Очекуваме сеевропско решение за мигрантите

Сите со внимание го следиме Самитот за мигрантите во Брисел и ги очекуваме сите детали за договорот на ЕУ и Турција, затоа што нам ќе ни биде олеснување ако се најде сеевропско решение бидејќи ние инстистираме да бидеме дел од тоа сеевропско решение кое ќе биде за сите кои се на нашата рута и на сите кои живееме на континентот Европа, одговори претседателот Ѓорге Иванов на новинарско прашање кои се очекувањата на Македонија од Самитот ЕУ – Турција во Брисел.

– Ова не е работа само за ЕУ, туку за сите ние што сме европјани и што живееме на овој простор. Сите анализи кажуваат дека ќе има подобрување. Се очекува Турција обврските кои ќе ги преземе да ги исполни и тоа ние ќе го видиме на нашата граница. Ако се намали интензитетот и доаѓањето на нови мигранти, тоа ќе биде во текот на целата рута. Тоа значи дека ние ја имаме улогата сега да сме портата на тој коридор кој води кон Европа. Грција ќе треба да ги исполни своите обврски и да изгради многу места за пријавување т.н. „хот спотови“, но и сместување односно кампови за бегалците за да им се овозможи она што им припаѓа кога ќе стапнат не земја – шенген, значи право на азил, на хуман третман, сите права што им припаѓаат, изјави Иванов по завршувањето на свечениот благослов и инагурацијата на новата бискупска резиденција од страна на државниот секретар на Ватикан, Пиетро Паролин, кој е во посета на Македонија, пренесува МИА.

Македонскиот претседател истакна дека сите очекуваат сето тоа да почне да се реализира и обврските преземени од сите учесници за да можат да го почувствуваат и нашите граѓани односно за да се намали овој притисок.

– Навистина ние успеавме, како ретко која од земјите од ЕУ да се справиме, активирајќи го целиот кризен менаџмент, настојувајќи да бидеме транзит зона. Впрочем граѓаните во Скопје не го почувствуваа притисокот дека низ Македонија поминаа милион бегалци, додека Белград, Загреб, Љубљана се прелпавени, рече претседателот Иванов.

Прашан дали има најави од Грција дека конечно Идомени ќе се дислоцира и што ќе се прави со заглавените над илјада мигранти и бегалци во Македонија, Иванов истакна дека се бара и ќе се најде решение, но мора да се има трпение.

– Кога ќе почне европскиот план за мигрантите и за бегалците ќе влијае и на начинот на празнење на местатаа бидејќи на целата рута има некаде заглавени бегалци-мигранти, кои полека ќе мора да се однесат на нивната дестинација. Исто се однесува и за оние кои се во Идомени, тие мора да бидат префрлени во камповите во кои има елементарни услови за нивно згрижување, појасни претседателот Ѓорге Иванов.