ТВ Нова: Дел од Универзитетот ФОН е дивоградба

ТВ Нова: Дел од Универзитетот ФОН е дивоградба
ТВ Нова: Дел од Универзитетот ФОН е дивоградба
 

Телевизијата ТВ Нова вчера отвори нов скандал, според кој објектот Космос не бил единствената дивоградба во сопственост на бизнисменот Фиат Цановски. Според документите презентирани во јавноста, Фиат Цановски надвор од законот градел и делови од Универзитетот ФОН, кој исто така е во негова сопственост. Општина Гази Баба и официјално потврди дека Цановски нема имотен лист за целата површина на која е изграден ФОН, односно дека доградувал надвор од одобрението и сега има поднесено барање за легализација.

Според одговорните во Општина Гази Баба, во моментов во процедура во општината е барање за легализација, односно утврдување на правен статус за бесправен објект со површина од 1151 м2.

Фиат Цановски во петокот го промовираше студентскиот дом во рамки на Универзитетот Фон, но како што дознаваме не е се законски исправно ниту со овие простории. Според признанието на самиот Фиат Цановски целиот објект сеуште нема имотен лист, односно допрва треба да биде впишан во катастарот.

-Ние имаме имотни листови, имаме сега доукнижување за другите спратови горе, но овој дел каде што е сместен сега има имотни листови… Тие два ката каде што е сега комплексот имаат имотни листови, а другите ќе си добијат укнижување, по што било правно, а сега само правиме укнижување, вели Цановски за ТВ НОВА.

Според неофицијалните информации до кои дојдовме, објектот кој што го промовираше Фиат Цановски воопшто нема намена како студентски дом во одобрението и целиот елаборат кој што е доставен од страна на геодетската фирма имал големи неправилности и отстапувања од реалната состојба.

Дека не е прв пат Цановски да не ги почитува законите за градење, потврдија и градоначалникот на Општина Гази Баба и поранешниот министер за транспорт и врски кои детално ги образложија сите пропусти при градењето на Космос, како и одбивањето на Цановски да постапи согласно насоките на институциите.

-Космос согласно законот за градење започна да се гради со одобрение за градба, но за жал во текот на градбата инспекторката кога отиде на лице место констатира дека објектот се гради спротивно на одобрениот проект, спротивно на архитектонско-урбанистичкиот проект и спротивно на деталниот урбанистички план, односно дека е дивоградба. Затоа и понатаму се пристапи кон соодветно постапување согласно законот на отстранување на објектот, посочи Тони Трајковски, градоначалник на општина Гази Баба.

-Со кажувањето дека многу малку имало отстапување дека објектот се рушел политички не е точно, туку сите правни аспекти во случајот Космос е согласно Законот за градење и  сите судски инстанци во Република Македонија имаат потврдено дека објектот е рушен согласно сите позитивни законски прописи, истакна Миле Јанакиески, поранешен министер за транспорт и врски.

Објектот на универзитетот ФОН во Скопје е пуштен во употреба во 2003-та година, но според информациите од општина Гази Баба, сопствениците се уште немаат целосна документација.