Грција поведе истрага за флаерот кој се дели меѓу бегалците во Идомени

Грција поведе истрага за флаерот кој се дели меѓу бегалците во Идомени
Грција поведе истрага за флаерот кој се дели меѓу бегалците во Идомени

Обвинителката од грчкиот Врховен суд Ефтерпи Коцамани му наложи на јавното обвинителство во Солун да почне прелиминарна истрага за потеклото на флаерот кој се делел меѓу бегалците и мигрантите во кампот во Идомени, со кој се повикуваат илегално да ја преминат границата со Македонија.

Според некои извори, Коцамани побарала од обвинителите да ги пронајдат одговорните за печатење и дистрибуција на флаерот во кампот за бегалци на границата меѓу Грција и Македонија, што охрабри неколку стотици луѓе да се обидат да влезат во Македонија преку помалку обезбедени делови долж границата. Напишан на арапски, флаерот содржи инструкции, вклучувајќи и мапа и насоки за алтернативен пат по кој може да се премине границата.

Министерствата за правда и за цивилна заштита претходно испратија информации собрани од страна на грчката полиција во врска со потеклото на флаерот, во рамките на процедура со која требаше да се утврди дали треба да има прелиминарна судска истрага.

Коцамани побарала од солунските обвинители да испитаат дали има докази за формирање случај против лица одговорни за кривични дела поврзани со нелегално организирање влез, престој и социјална интеграција на државјани на трети земји во Грција, како и загрозување на со закон утврдените пријателски односи на Грција или на нејзините сојузници со странска држава или нивно ставање во ризик од одмазда.