Иванов: Институциите успешно се справуваат со предизвиците

Македонија ги има сите ризици, што ги имаат сите земји од нашето окружување и во Европа. Постојат заканите, но ние успешно се справуваме со нив и превентивно и проактивно делуваме. Граѓаните треба да бидат спокојни затоа што со сите ризици што постоеја досега, нашите институции, во соработка со нивните партнерски служби спречуваа.

Ова денеска го изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, кој беше во редовна годишна посета на Агенцијата за разузнавање, на новинарско прашање каква е безбедносната состојба во државата.

Прашан дали е подобрена размената на сознанија и информации со разузнавачките служби од други земји, во контекст на мигрантската криза, Иванов посочи дека забелешката за соработката со разузнавачките служби била во октомври лани кога било понбарано, како што рече, да имаме пристап до базите на ФРОНТЕКС и Шенген, и да можеме сите податоци да ги разменуваме.

– Немавме разбирање, затоа што регулативата е таква да трети земји немаат пристап до тие бази и затоа ние реагиравме. Но, после мојата изјава имаме раздвиженост меѓу партнерските служби, доаѓаат се интересираат, ги користат податоците. Очигледно ќе излезе дека дел од овие кои беа вклучени во Брисел, како и тие претходно во Париз, дел ја користеле и оваа рута, појасни претседателот Иванов.

Истакна дека постојано се потенцирало на хуманитарниот аспект на кризата, што е неопходно, но ние го потенциравме безбедносниот аспект на кризата, затоа што меѓу тие бегалци, ги имаме и повратниците од боиштата во Сирија.

– Да не бидеме наивни. Само во Македонија имаме 72 повратници, од лица кои учествувале на боиштата, отишле како екстремисти, се вратиле како терористи. Шеесет отсто односно преку 1000 лица од Балканот учествувале во Сирија и се вратени, а илјадници односно до три илјади има повратници на територија на ЕУ. Тие ги користеле овие рути на бегалците, меѓу нив се вратиле и еве сега што се случува, изјави Иванов.

По барање на новинарите да го коментира денешниот терористички акт во Брисел, претседателот Иванов подвлече дека такви настани ќе се случуваат такви настани.

– Службите мора да соработуваат и на безбедносен план да се разменуваат информациите. Да не робуваме на бирократски процедури, не сме биле во ЕУ, не сме имале право на пристап до базите. Ние тоа го нудиме за безбедноста на континентот и на другите земји во ЕУ, кои и во иднина ќе се соочуваат со терористички напади и закани. Но, не само во Еворпа, ова е планетарен феномен, порача македонскиот претседател Иванов.

Тој додаде дека сите оние кои не и мислат добро на севкупната човекова цивилизација, ги користат сите придобивки на 21 век и многу се поиновативни и покреативни од државите и службите, кои по инерција, подвлече, како да се останати во 20 век.

– Моите критики беа упатени токму на тоа. Да се менуваме и како држави и како служби и секојпат да бидеме проактивни и чекор пред сите закани кои постојат, порача Иванов.

Инаку, тимот задолжен за справување со мигрантската криза од Агенцијата за разузнавање (АР) на денешната средба го информирал претседателот Иванов  за сите сознанија и искуства за време на справувањето со мигрантската криза.

– Ние сме како земја на една од најфреквентните рути и затоа таа рута ја користеа и мигрнатите, но и тие што немаат добри намери. Има повратници од војната во Сирија, имаме т.н. екстремисти, терористи, криумчари и сите оние кои се занимаваат со овој профитен бизнис, со шверцот на мигранти кој е најдоходовен според последниот извештај на ЕВРОПОЛ. Тоа ќе продолжи, ќе имаме и во иднина но нашите институции го положија тестот, истакна претседателот Иванов.

Според него, Агенцијата како дел од системот на кризниот менаџмент, ефикасно се справуваше со сите предизиви и се она што го сработи со нејзините истражувања и анализи, придонесе Македонија да биде позитивен пример за тоа како во такви ситуации треба да се справуваат институциите. АР, истакна, проактивно делуваше и укажуваше на сите случувања, а тоа е пример како треба во вакви услови нашите институции да функционираат.

– Како земја покажавме дека знаеме да се справуваме со ваков предизвик многу подобро од земји кои се членки и во НАТО и во ЕУ. Неопходно е без разлика на дневно-политичка ситуација, на состојбата на јавниот простор, институциите со полн капацитет да се справуваат со сите закани и ризици, изјави Иванов по посетата на АР.

На прашањето што значи договорот ЕУ – Турција за Македонија, претседателот Иванов со коментар дека граѓаните на нашата земја, со исклучок на тие во Гевгелија и во Куманово, не почувствуваа дека низ нашата државата поминаа еден милион бегалци.

– Со тоа што се постигна договор меѓу ЕУ – Турција, може да се види веќе на нашата јужна граница, рече тој.

Прашан на чија покана и во која улога учествуваше лицето осомничено во процесот „Титаник“ на неодамнешниот состанок на Советот за безбедност, Иванов повика  да не се подлегнува на такви шпекулации, а секој во институциите, рече, има одговорност и треба да реферира на СБ за областа за која ја води.

– Секој од нас може да биде потенцијално обвинет и да не робуваме и да не создаваме од тоа скандали. Важно е дека институциите кај нас функционираат, ги покажаа резултатите и тие лица не само што треба да бидат пофалени, туку треба и да бидат наградени, за тоа што нашите граѓани ги немаа сите оние ризици што сега ги имаат луѓето каде што се случуваат терористички акти, изјави Иванов.

Во рамки на посетата, претседателот Иванов свечено ја отвори првата музејска поставка на Агенцијата за разузнавање.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.