Први постапки за сурогат мајчинство во Македонија

Постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување со сурогат мајчинство првпат почнува во Македонија.

Два брачни пара со помош на две исклучително хумани жени (сурогат мајки), ќе добијат свое потомство со постапката за сурогат мајчинство. До крајот на оваа или следната недела се очекува брачните двојки и сурогат мајките да ја финализираат првата фаза од постапката со склучување договор, по што следи медицинска постапка за биомедицинско оплодување, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој рече дека барањата на две други жени кои сакаат да бидат гестациски носители, не биле одобрени, поради неисполнување на законските услови. Појасни на кој начин се спровела постапката на поврзување на брачни двојки кои не се во можност по природен пат да се реализираат како родители, со потенцијални сурогат мајки.

Министерството за здравство, посочи Тодоров, формираше здравствена комисија во која се вклучени врвни експерти од повеќе медицински области поврзани со биомедицинското потпомогнато оплодување, која преку проверка на здравствената состојба на паровите и на сурогат мајките, утврди дека истите ги исполнуваат условите.

-Имено, особено внимание беше обрнато на профилот на овие личности, имајќи предвид дека дел од членовите од оваа комисија се психијатри и психолози, така што тие водеа и непосреден разговор со брачните двојки за нивните желби и мотиви да создадат свое потомство, како и со сурогат мајките за нивниот поттик да усреќат некое семејство со деца, истакна Тодоров.

Во претстојниот период, потенцира министерот, ќе бидат извршени и повеќе стручни советувања со овие лица (од психолошки и правен аспект), по што следи самата медицинска постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување (хормонска терапија и ембрио-трансфер, кој и во двата случаи ќе се изврши со сопствени полови клетки).

Нагласи дека генерално постои голем интерес од брачните парови за добивање дете со помош на сурогат мајчинство, и досега над 30 парови побараа информации за почнување на постапката.

-Прв чекор што треба да го направат заинтересираните е да се обратат во Министерството за здравство, со доставување соодветна документација како потврда дека ги исполнуваат условите. За таа цел, Министерството за здравство води два регистра, од кои еден за жените кои се потенцијални гестациски носители, а другиот за брачните двојки. Министерството ги внесува податоците во овие регистра, откако ќе утврди дека се исполнети условите, рече Тодоров.

Истакна дека втор чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да достават барање во Министерството за здравство за увид во соодветниот регистар заради вршење избор на гестациски носител (изборот на гестацискиот носител го врши самата брачна двојка), а трет чекор што треба да го направат заинтересираните брачни двојки е да се обратат во Mинистерството за здравство со доставување писмено барање за почнување на постапката за биомедицинско потпомогнато оплодување со гестациски носител, како и доставување писмена изјава заверена кај нотар.

– Заинтересираните парови претходно треба да бидат стручно советувани за психолошките и правните последици од оваа постапка, од страна на Комисијата за психолошко советување и Комисијата за правно советување. Министерството за здравство по добивање на писменото барање утврдува дали се исполнети сите услови од овој закон за поведување постапка и писмено ја известува брачната двојка и потенцијалниот гестациски носител, посочи Тодоров.

Од пред неколку месеци, укажа министерот, го проширивме овој концепт и овозможивме покрај брачни двојки кои имаат проблем со репродуктивно здравје, ваква постапка да можат да користат и брачни двојки каде жената боледува од болест која може да и го загрози животот доколку забремени (најчесто системски болести).

Според него, податокот што веќе има два брачни пара со две сурогат мајки е показател дека овој концепт веќе заживува и има реални услови добро да функционира.

– Воедно, ги охрабруваме сите жени кои сакаат од хумани и солидарни побуди да помогнат на некоја брачна двојка да создадат свое потомство и да се реализираат во најзначајната животна улога на родители, да се обратат до Министерството за здравство и да ја отпочнат оваа постапка. Верувам дека заеднички ќе го развиеме овој концепт кој е полезен за општеството и за создавање што е можно побројни идни генерации, рече Тодоров.

Потенцира дека Министерството за здравство пред околу една година воведе законска можност за брачни двојки кои не може да ја реализираат родителската улога по природен пат, тоа да го направат со биомедицинско потпомогнато оплодување со сурогат мајчинство.

– Станува збор за алтруистички концепт во рамки на кој жени кои би сакале да бидат гестациски носители (сурогат мајки) од исклучиво хумани побуди би го направиле овој чекор за брачна двојка која не е во можност да се реализира во најзначајната животна улога – улогата на родители.На усвојувањето на ова законско решение, претходеше серија јавни дискусии кои Министерството за здравство ги организираше со цел анализирање од повеќе аспекти, и тоа: етички, правен, теолошко/религиозен аспект, итн., а самиот концепт е втемелен на алтруистичко сурогат мајчинство, кое е веќе воведено и успешно функционира во Англија, САД, Холадија, Белгија, Русија, Канада…, додаде Тодоров.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.