Светски ден на водите: Акција за чистење на езерото „Матка“

По повод 22 март – Светскиот ден на водите, денеска , 22.03.2016 година, градот Скопје во соработка со Нуркачкото друштво „Врело“ од Скопје и со Министерството за животна средина и просторно планирање организира чистење на бреговите на реката Треска и на езерото „Матка“.

MAD_0023

Во акцијата за расчистување на цврстите отпадоци од зелените и од јавните површини на овие локации се вклучија претставници на администрацијата на Градот Скопје, заменик-министерот за животна средина Стево Темелковски, претставници на МЖСПП, невладини организации и граѓани. Нуркачите од „Врело“ помогнати од нивни колеги од Неготино и од Охрид отстрануваа отпадоци од езерото „Матка“.

MAD_9989

Светскиот ден на водите се одбележува со цел да се истакне важноста на водата за животот и за опстанокот на живиот свет, но и да се нагласи фактот дека светот се движи кон времето кога потребата за вода ќе ги надмине залихите. Проценка на светските експерти е дека 1,1 милијарда луѓе нема пристап до вода за пиење, а 2,5 милијарди луѓе немаат обезбедени елементарни санитарни услови.

Одбележувањето на светскиот ден на водите почна од 1993 година, врз основа на Резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации од 1992 година. Оваа, 2016 година, темата на одбележувањето на овој ден – „Подобра вода, подобри работни места“ се фокусира на тоа дека доволно количество и квалитет на вода може да го промени животот и благосостојбата на работниците и дури да трансформира општества и економии, затоа што денес во светот 1,5 милијарди луѓе работат во сектори поврзани со водите.