Основен суд Скопје 1: Наредба за претрес во Централниот регистар не е побарана

Во текот на вчерашниот ден Специјалното Јавно обвинителство побарало да се издаде наредба за одземање документација од Централниот регистар на Република Македонија, но наредба за претрес не е побарана, соопшти денеска Основен суд Скопје 1.

Издадената наредба за одземање документација која е побарана од страна на СЈО во овој случај како и во повеќе предмети претходно покажува дека Основен суд Скопје 1 – Скопје соработува и има позитивен пристап кон работата на СЈО во извршувањето на нивната законска надлежност и овластувања наспроти јавно пласираните информации дека ова Обвинителство се соочува со најголем отпор токму со овој суд како што и тие самите наведуваат во нивниот извештај, се вели во соопштението.

Во однос на прашањата каква е постапката во случај ако од Судот се побара наредба за претрес, Основен суд Скопје 1 соопштува дека „тоа е дел од мерки за обезбедување лица и предмети од Законот за кривично правоодносно од чл.181 до чл.192, каде согласно чл.186 по поднесено барање за издавање наредба за претрес, судијата одлучува веднаш, најдоцна 12 часа од приемот на барањето“. Претресот, појаснува Судот, се извршува под посебни правила утврдени со закон.

Од Основниот суд Скопје 1  – Скопје соопштуваат дека нема да ја коментираат вчерашната акција на СЈО и, како што наведуваат,  „нивните оперативно тактички мерки на клопка и заседа на институциите повикувајќи се на судски наредби и анонимни дојави кои што повеќе наликуваат на холивудско сценарио, а не на сериозно и посветено извршување на функцијата на еден орган како што е СЈО“.

-Судот во секој случај ќе ги почитува Уставот и законите на Република Македонија во секое негово постапување согласно неговата надлежност, наведува во соопштението Основен суд Скопје 1 – Скопје.