Сомнеж за зика вирус кај тримесечно бебе од Дојран

Тримесечно бебе од Дојран со аномалија во делот на черепот и со мала глава по извршен рутински преглед и по препорака на педијатар од Струмица пред две и пол недели е донесено на Универзитетската Клиника за детски болести.

Направени се анализи кои укажуваат дека не станува збор за рутински вируси кои знаат да направат микроцефалија (мала глава), значи сомнението останува за вирусот Зика, пренесува МИА.

Ова денеска го изјави директорката на Клиниката за детски болести Аспазија Софијанова, која рече дека се прават анализи за да се утврди присуство на вирусите Денга или евентуално Зика, а резултатите се очекуваат за десетина дена.

– Детето е родено со аномалија. Стравот е практично кај мајките кои се бремени да не го имаат овој вирус, кој причинува аномалија особено развојна во првите три месеци. Мајката е од Дојран, а патувала и во Грција во првите три месеци од бременоста кога настанува развојниот период и на мозокот и на другите органи, посочи Софијанова.

Одговарајќи на новинарско прашање дали мајката била касната од комарец рече дека сигурно е дека има таква индикација.