Борисов: Информациите од Иванов за мигрантските рути ги пренесов на ДАНС

Добиените податоци од македонскиот претседател Ѓорге Иванов за новите мигрантски рути ги предадов на службите, изјави денеска во Парламентот во Софија бугарскиот премиер Бојко Борисов, пренесува БГНЕС.

– Тоа што пред неколку дена претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов ме замоли, јас го пренесов на средбата на Европскиот совет. Нивните служби ги добија новите рути, како и за една организација. Сето тоа е доставено на државната агенција „Национална сигурност“ ДАНС, на МВР и соодветно на самитот на министрите за внатрешни работи во Брисел , рече премиерот Борисов.

Тој нагласи дека за разлика од Грција, која доби стотици милиони и ништо нема направно, Македонија создала хумани услови за мигрантите на нејзина територија.

– Неколку месеци со ред грчката Влада не презема мерки. Во Грција моментално не можат да покажат како завршено ништо реално, условите таму за бегалците се ужасни, изјави Борисов.

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во интервју за БГНЕС денеска изјави дека неодамна лично го информирал Бојко Борисов за новите мигрантски рути.

– По затворањето на западно-балканската рута, веднаш се појавија информации и мапи на арапски јазик, каде Бугарија е посочена како коридор низ кој мигрантите ќе можат да транзитираат до Србија… Тие карти ги дадовме лично на Бојко Борисов, изјави македонскиот претседател.

Во деншното излагање пред бугарското Собрание, Борисов изјави дека моментално притисокот на бугарско-турската граница е помал и дека очекува проблемот да дојде од бугарско-грчката граница, која е незаштитена.