До крајот на 2016. во зоните ќе бидат вработени 7.100 лица

До крајот на 2016. во зоните ќе бидат вработени 7.100 лица

Над 5.000 нови вработени и значајно зголемување на извозот на државата се клучни придобивки од отворените 14 технолошко-индустриски развојни зони. Надлежните, но и економските познавачи се категорични дека податокот според кој извозот од зоните минатата година достаса 36 проценти од вкупниот извоз на државата докажува дека овој концепт на привлекување инвеститори значајно влијае на заживување на економскиот раст, пишува Телеграф.мк.

Според последните податоци, лани од зоните се извезени стоки вредни дури 1,5 милијарда евра. Показателите за првите месеци годинава покажуваат раст на извозот во споредба со истиот период лани, што значи дека и оваа година може да се исполнат проекциите за раст на извозот од зоните за 20 до 25 проценти.

Промена на структурата на извоз

На 13 локации се формирани вкупно 14 зони. Од нив функционални се ТИРЗ Скопје 1, ТИРЗ Скопје 2 и ТИРЗ Штип, а целосно изградени се зоните во Кичево, Прилеп и Охридско-струшката зона. Во тек е изградба на зоната во Струмица. Моментно во нив активно работат 23 компании.

Директорот на Дирекцијата за технолошки индустриски зони, Виктор Мизо, вели дека се докажа оти напредните компании што се лоцирани во зоните придонесуваат за забрзување на развојотна подрачјата каде што се основани и ја подобруваат економската ситуација во земјата.

– Компаниите лоцирани во зоните го стимулираат развојот на локалната економија во поширока смисла и овозможија промена на структурата на извезуваните производи. Денес, за разлика од минатото, имаме многу голема диверзификација на извозот, голема додадена вредност, односно производи како катализатори, автобуси, воздушни перничиња, електроника, навлаки за седиштаи имаме зголемен извоз од компаниите што се лоцирани во зоните – вели Мизо за „Телеграф“.

Но освен промената на производите што Македонија ги извезува, токму во растот на извозот се лоцира клучната придобивка од зоните за Македонија. Статистиката покажува дека во 2014 година извозот од компаниите што се лоцирани во зоните изнесувал 1.170 милијарда евра, што е 31 процент од вкупниот извоз на земјата.

И годинава раст од 25 отсто

Минатата година извозот само од зоните стаса до 1,5 милијарда евра, или учество од 36 отсто во сиот македонски извоз. Податоците за годинава ги охрабруваат во Дирекцијата дека и во 2016 година ќе има значаен раст. Така, во јануари од зоните извезени се стоки вредни 120 милиони евра, за 14 отсто повеќе од јануари 2015 година, а во февруари евидентиран е извоз од  речиси 144 милиони евра, или 36 проценти повеќе од истиот месец лани.

– Освен раст на извозот, бележиме и зголемување на бројот на креирани работни места во компаниите. Предминатата година ја завршивме со 3.500 реализирани вработувања во компаниите што се лоцирани во зоните. Во 2015 година бројот на вработени се зголеми на речиси 4.900, а во моментов во компаниите работат 5.300 лица. До крајот на 2016 година очекуваме бројот на вработени во компаниите во зоните да изнесува 7.100. Покрај креирањето директни работни места, креирање индиректни нови работни места преку зголемувањето на соработката со домашните компании, зголемувањето на извозот од земјата и придонес на истиот од зоните, бенефит од зоните се и новите практики што се носат во земјата, како и трансферот на знаења и вештини – вели Мизо.

Тој додава дека од аспект на Дирекцијата за ТИРЗ значајно е да се изградат зони што ќе понудат еднакво добри инфраструктурни услови, односно изградба на комплекси што ќе можат да ги понудат сите потребни услови и поволности за производителите каде што ќе се реализираат гринфилд-инвестиции на високотехнолошките индустрии, кои ќе влијаат врз подобрувањето на економската состојба во земјата.