Најдобрите 100 ученици на 27. Државен натпревар по информатика

Најдобрите 100 ученици на 27. Државен натпревар по информатика
Најдобрите 100 ученици на 27. Државен натпревар по информатика

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска го отвори 27. Државен натпревар по информатика за учениците од средните и основните училишта во Република Македонија. Станува збор за натпревар по програмирање на кој учествуваат најдобрите 100 ученици од основните и средните училишта, претходно селектирани од учесниците на регионалните натпревари по информатика.

Арсовска Томовска се осврна на важноста на овие натпревари во поттикнувањето на младите да ја градат својата професионална кариера во информатичката област, додавајќи дека во последните години значително се зголемува бројот на компании коишто имаат потреба од ваков кадар.

Таа посочи дека приоритет на Владата на Република Македонија е младите таленти да бидат препознаени уште од најмала возраст и да им бидат обезбедени услови за развој, со цел  за два до три пати да се  зголеми бројот на кадри кои ќе се запишат на информатичките факултети и за нив да се обезбедат работни места во државата, во странските  и домашните компании кои секојдневно се отвораат. Во таа насока потенцираше дека од оваа учебна година се воведе нов предмет од трето одделение – Работа со компјутери и основи на програмирањето.

,,Особено ми е драго што државниот натпревар по информатика е  најквалитетниот што се одржува во РМ, ако се суди според тоа колку ученици кои тука освоиле награди, освоиле медали и на меѓународните натпревари и олимпијади по информатика”, истакна Арсовска Томовска.

Државниот натпревар по информатикa е во организација на Здружението на информатичари на Македонија и коорганизација на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија и се одржува во просториите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.  Свои обраќања  имаа и деканот на ФИНКИ,  Иван Чорбев, претседателот на Здружението на информатичарите во Македонија, Миле Јованов како и директорот на Агенцијата за млади и спорт  Марјан Спасески кои исто така ја истакнаа важноста од одржувањето вакви натпревари кои ги поттикнуваат младите да стекнуваат се повеќе ИКТ знаења и вештини.

Инаку, најдобрите натпреварувачи од циклусот натпревари ќе учествуваат на Балканската олимпијада по информатика, што подоцна оваа година ќе се одржи во Кипар, како и на Интернационалната олимпијада по информатика во Казан, Русија.