ВМРО-ДПМНЕ: За да го покрие катастрофалниот рејтинг, СДСМ ќе ги прогласи сите жители на Македонија за фантомски

СДСМ може и сите 2 милиони жители на Република Македонија да ги прогласи за фантомски гласачи, но најдобриот одговор за нивната деструкција, за лагите и манипулациите со кои се обидуваат да го покријат и да го игнорираат фактот за нивниот катастрофален рејтинг, ќе го добијат на 5 ти јуни, токму од оние кои ќе им ја испорачаат казната-граѓаните на Република Македонија, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение интегрално соопштението од ВМРО-ДППМНЕ:

Дури и членовите на ДИК кои се предложени од страна на СДСМ не можеа да ја игнорираат вистината и фактите и застанаа на страна на  реалноста, а не на страната на манипулациите на СДСМ и затоа теренски ќе се проверуваат само околу 90.000 граѓани на Република Македонија.

СДСМ во Битола лажеше и ги прогласи за фантоми и жителите на ул. „Караорман“, нивната лага само во рок од неколку часа се распрсна како меур.

За жал, СДСМ не ја научи лекцијата и продолжува со лаги и интриги да ја замаглува јавноста во недостиг на идеи и презентирање програма, сосема е очекувано партијата и во иднина да продолжи со ваквото сценарио на деструктивност.

Лагите и малверзациите на СДСМ денес отидоа дотаму, што со една гнасна небулоза и тотална дезинформација со крајна дневно-политичка цел, објавија ноторна невистина, според која, актуелниот градоначалник на Општина Ресен, според нивната изјава, поседува куќа на ул. „Солунска“ број 14 А во Битола, што не е точно, бидејќи адресата на неговата куќа во Битола е „Солунска“ број 14, додека сопственици на куќата на „Солунска“ 14 А се извесни Еркан и Себаедин Мехмедали, кои според изводот од единствениот избирачки список, гласаат на избирачкото место број 0108 во Битола, што може јасно да се види од изводот во единствениот избирачки список. Градоначалникот на Ресен, според изводот од катастарската документација, кој Ви се доставува во прилог, е сосопственик на куќа на ул. „Солунска“ број 14 (без А).

Со ваквите, најблаго речено несериозни и истрчани изјави, СДСМ само го потврдува фактот дека и натаму, пласирајќи дезинформации и непроверени, а веројатно и крајно тенденциозни изјави, не водејќи сметка за нанесувањето неоправдани штети врз достоинството на чесни и угледни граѓани, ќе се обидува да ја замајува јавноста, се со цел, да побегне од она што ги очекува на 5-ти јуни – соочувањето со граѓаните и катастрофалниот пораз на предвремените парламентарни избори.