среда, 7 декември 2016  |  Вести денес: 27

Ристовски: 50 милиони евра се инвестирани во реконструкција и изградба на училишта

Буџерот континуирано се зголемува во овој ресор, рече Ристовски, и за десет години е зголемен за 72,3 проценти, односно од 13,4 милијарди денари во 2006 година на 23,1 милијарда денари во 2016 година.

ристовски

Последни вести

Градење на Македонија како земја базирана на знаење е приоритет од кој произлегуваат сите реформи, проекти и бенефиции во стратегијата на Владата на РМ преводена од ВМРО-ДПМНЕ за развој на образованието, изјави попладнево заменик-министерот Спиро Ристовски на партиска прес-конференција – отчет за реализираното во секторот образование и наука од 2006 до 2016 година.

Буџерот континуирано се зголемува во овој ресор, рече Ристовски, и за десет години е зголемен за 72,3 проценти, односно од 13,4 милијарди денари во 2006 година на 23,1 милијарда денари во 2016 година.

– Ова јасно говори каде е позиционирано образованието во нашата развојна агенда. Се работи за средства што подеднакво ги вложувавме за подигнување на квалитетот на наставата и инфраструктурата во основното и средното образование, во високото образование, во науката и во спортот, рече Ристовски.

Во основното и средното образование се инвестирани речиси 50 милиони евра за изградба на 74 нови училишни објекти и за санација и реконстукција на скоро 400 постојни. Од нив, во изминатите две години се изградени 14 нови, а реконструирани се 50 училишта. Најави дека до крајот на годинава во план е почеток на изградба на нови шест, а два објекта ќе бидат завршени.

Изградени се 51 спортска сала со вкупна вредност од 25 милиони евра, од кои 13 се изградени во последните две години. Дополнително, девет се во фаза на градба, а уште девет ќе почнат да се градат во втората половина на годинава. Со изграда на салите, рече заменик-министерот, се подобрија условите за спорт и рекреација на повеќе од 40.000 ученици, но и за жители на местата каде што се изградени.

Образованието до 18 години стана задолжително и бесплатно, седум години се обезбедуваат бесплатни учебници за основците и средношколците, за што се вложени над 40 милиони евра. Бесплатен е и превозот за ученици кои живеат подалеку од 2,5 километри од училиштето. Воведено е деветгодишно основно образование каде што посебен акцент е ставен на изучувањето странски јазици, информатика и претприемништво – кое е застапено и во средното образование.

Ристовски потенцираше дека Македонија е единствена земја во регионот која воведе нови наставни програми за математика и природни науки адаптирани на програмата на Меѓународниот центар за наставни програми на Универзитетот Кембриџ, а позитивниот извештај од овој Центар за спроведувањето на наставните програми во Македонија, како што рече, е мотив за МОН да продолжи со нивно воведување и во средното образование.

Посочи и на проектот „Компјутер за секое дете“, како една од најголемите образовни инвестиции, како и реформата екстерно тестирање која почна да се применува од 2013 година како инструмент за проверка на објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.

– Овој процес ќе продолжиме да го надградуваме и унапредуваме затоа што примената ја постигнува целта, истакна Ристовски.

Додаде и дека се води сметка за кариерниот и професионален развој на наставниците и дека нивните плати се во постојан раст. Од 2006 досега, рече тој, најниската плата е зголемена за 119 проценти (од 5.060 денари на 11.081 денар), а највисоката плата  на вработените во образованието е зголемена за 67 проценти (од 12.917 на 21.521 денари).

Извршени се и осум илјади трансформации на работен однос од определено на неопределено работно време во образованието. Околу 3.000 лица се трансформирани во последните две години. Новина која почна неодамна е и можноста за целосно стипендирање на вработени наставници кои ќе се запишат на магистерски или докторски студии на некој од најдобрите 200 универзитети во светот од областа на образованието.

Во високото образование, истакна Ристовски, постојано се гради систем кој е компатибилен со реалните потреби на пазарот на трудот, со што, како што рече, драстично е намалено времето на премин од образование кон работа и е зголемено вработувањето на младите.

Отворени се два нови државни универзитета, 25 факултети и 65 дисперзирани студии, а се работи на отворање на уште два нови универзитета од наредната академска година. Покрај тоа, неколкукратно е намалена и е унифицирана партиципацијата за студирање и изнесува од 200 до 400 евра, наспроти 1.200 колку што беше највисоката партиципација пред неколку години. Со тоа, рече заменик-министерот, високото образование стана достапно за сите, па и за повозрасните на кои им е овозможено студирање со воведениот проект „30/35“.

Започнати се и капитални инвестиции за подобрување на условите во студентските домови. – Работа на ова поле има многу, но Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е единствена која првпат изгради нови сместувачки капацитети во студентскиот дом „Стив Наумов“, единствена која се заложи за темелна реконструкција на постојните домови. Во тек е етапна реконструкција на најголемиот студентски дом „Гоце Делчев“. Темелно е реконструиран блокот Б, во тек е реконструкцијата на блокот А, а потоа ќе следат и блоковите В и Г и мензата. Целата реконструкција треба да заврши во тек на 2017 година со вкупен буџет од околу 6 милиони евра, истакна Ристовски.

Потсети и на донесената одлука за изградба на три нови студентски дома – два во Скопје и еден во Тетово. За домот во Тетово и за едниот во Скопје („Невена Георгиева-Дуња“ или Медицинар) веќе е објавена постапка за избор на фирма за изведувач и се очекува на средината од годинава да почне изградбата. Оваа инвестиција е планирана на околу 5 милиони евра. Во сите студентски домови во Македонија ќе се набави нов мебел, во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Во тек е и јавен повик за фирма која ќе ги замени лифтовите во сите државни домови каде има лифтови. Оваа инвестиција, рече Ристовски, е околу 250.000 евра. Во 2017 домовите ќе бидат опремени и со сушални и перални, што е една од 40-те мерки за млади што ги најави ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓу инфраструктурните проекти во високото образование, Ристовски ги наведе и изградбите на нови објекти на Факултетот за информациски технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичка култура при УКИМ, како и адаптацијата на Универзитет „Св. Апостол Павле“ во Охрид.

Како поддршка на студентскиот стандард, додаде Ристовски, изграден е систем на стипендирање кој нуди повеќе од 40 различни видови стипендии, меѓу кои и оние за студирање на најдобрите сто универзитети во светот, рангирани на Шангајската листа.

– Износот на средства за стипендии во 2016 година во споредба со 2005 е трикратно зголемен, односно од 235 милиони денари е пораснат на 688 милиони денари наменети за стипендии. Минатата година стипендиите ги зголемивме за 10 проценти, што е уште една неветена, но реализирана мерка, истакна Ристовски.

Ги посочи и електронската и транспарентна распределба на студентски легла во домовите и стимулативната мерка за бесплатно патување во европска метропола за студенти со најмалку 9.5 просек од трите најдоброрангирани универзитети во Македонија.

Соопшти и за двата капитални проекта – набавка на 80 современи лаборатории (во вредност од 26 милиони евра) и на најнова литература за студентите преку проектот за превод на илјада книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети во светот. Тој прераснува на 1.200 зашто во тек е набавка на 200 дополнителни преводи. За достапност на овие книги, ќе се отворат и шест специјализирани читални како што е читалната „1000 книги“ во Градскиот трговски центар.

И во науката ќе се зголемува влогот преку разни форми, истакна Ристовски. Тоа ќе се реализира преку финансирање национални и билатрални истражувачки проекти, доделување на научни и творечки субвенции, поддршка за објавување трудови во меѓународни научни списанија со фактор на влијание.

– Основан е и Фонд за иновации и технолошки развој со почетен буџет од 10 милиони евра, кој само во изминатата година со 1,4 милиони евра преку два јавни повика поддржа 33 иновативни проекти. Износот на средства оваа година е дуплиран, односно ќе се распределат 2,65 милиони евра, додаде Ристовски.

Во делот на науката посочи и дека за Македонија се отворени фондовите на ЕУ и европскиот образовен простор за македонските граѓани, преку програми за мобилност, размена и меѓународна соработка, како што се  „Еразмус плус“ и „Хоризонт 2020“ кои, како што рече, до 2006 година не и беа достапни на нашата земја.

– Впрочем, и во најголемиот дел од работите кои ги спомнав во минатото не беа достапни за нашите граѓани, ниту, пак, некој се сетил да ги обмисли, предложи или реализира. Тоа е разликата меѓу нас и нашите политички опоненти. Разликата е во овој отчет за сработеното, разликата е во сите остварени, ветени, но и неветени, а сепак реализирани дела по кои политичарите треба да се вреднуваат, истакна Ристовски на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека со ист елан и посветеност ќе продолжат да го унапредуваат македонското образование и во наредниот период.

Најчитани вести