ДИК ќе ги објави имињата на лицата што теренски ќе се проверуваат

На денешната седница со 5 гласа „за“ и 4 „против“ Државната изборна комисија донесе одлука имињата на лицата од Избирачкиот список за кои теренската проверка започна денеска да бидат објавени на веб – страната.

Предлогот имињата на 87.362 лица да бидат објавени беше на членот на ДИК од ДПА Бедредин Ибраими, а беше поддржан од неговите колеги предложени од ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева и Сашо Срцев, од ДУИ Субхи Јакупи и од членот од редовите на експертите Реџеп Прекопуца.

Ибраими рече дека граѓаните треба да бидат информирани за теренската проверка и оти ќе дојдат анкетар и набљудувачи, но сепак потенцира дека и покрај ваквата проверка крајниот исход ќе биде институционален. Правото на објавување на овие податоци тој, како што кажа го црпи од Уставот. – Се што не е забрането е дозволено, рече Ибраими. Според него, процесот мора да биде транспарентен за што се залагаат и политичките партии.

Тој и неколку други членови на ДИК зборуваа и за обвинувањата дека ги зеле податоците од неконзистентните записи на ЦД посочувајќи дека имаат право на тоа.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ смета дека само со објавувањето на имињата на овие лица ќе се спречи, како што кажа, „тоа сеење магла“ дека во Македонија има 300.000 фантомски гласачи. Според, Бонева сето ова е во интерес на враќање на довербата кај граѓаните во Избирачкиот список.

Според членовите на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Игор Милев предлогот не е законски основан односно не е ниту според Изборниот законик ниту според Методологијата усвоена од политичките партии.

Милев смета дека процесот на теренска проверка е веќе миниран тврдејќи дека некој одел и проверувал граѓани и оти некои имиња се објавени во медиумите.

Според Субхи Јакупи, членовите на ДИК треба да имаат информации за тоа кои се тие лицата што се сметаат за спорни во ИС, а не како што барале членовите од СДСМ имињата да ги знаат само анкетарите и вработените во подрачните канцеларии на Комисијата. Смета дека сега процесот на прочистување на Избирачкиот список е во „жолта фаза“.

Претходно генералниот секретар на ДИК Добре Јанчев, ги информираше членовите на Комисијата за почетокот на теренските проверки. Беше констатирано дека веќе зголемениот број на анкетари на 727 треба да се зголеми повторно за што поефикасно водење на процесот.

Членот на ДИК Атанас Урумов предложи зголемување на бројот на анкетарите во општините Центар, Чаир, Гази Баба, Пробиштип, Дебар, Тетово, Гостивар од редот на вработените во јавниот сектор.

ДИК денеска ги објави и теренските проверки по општини.