Асад: Војната Сирија ја чинеше повеќе од 200 милијарди долари

Војната Сирија ја чинеше повеќе од 200 милијарди долари, изјави сирискиот претседател Башар ал-Асад во денеска објавеното интервју за руската агенција РИА.

– Штетата што е предизвикана врз економијата и инфраструктурата надмина 200 милијарди долари. Обновата на инфраструктурата ќе трае долго, рече Асад, пренесуваат британските медиуми.

Асад изјави дека тероризмот во Сирија и Ирак добива директна поддршка од Турција, Саудиска Арабија, Франција и Велика Британија.

– Тероризмот – тоа е вистински проблем. Против тоа мораме да се бориме на меѓународно ниво, бидејќи тероризмот не влијае само врз Сирија. Тероризмот постои во Ирак, директно го поддржува Турција. Директно го поддржува владејачкото кралско семејство во Саудиска Арабија, како и одреден број западни земји, посебно Франција и Обединетото Кралство, тврди Асад.

Асад смета дека сириските бегалци ќе почнат да се враќаат дома кога ќе видат дека има надеж во заздравување на земјата.

– Причина за миграцијата не се само тероризмот и безбедносната ситуација, туку и блокадите и санкциите на западните земји против Сирија, рече Асад.

– Многу луѓе ги напуштија безбедните области, каде немаше тероризам, пред се, заради животните услови. Граѓаните веќе не можат да си обезбедат се што им е неопходно. Така што, ние, како држава, мораме да преземеме чекори, барем оние основните, за да ја подобриме економската ситуација и услугите во Сирија“, порача  Асад.