Обвинет главниот осомничен за терористички напад во Франција

Обвинет главниот осомничен за терористички напад во Франција
Обвинет главниот осомничен за терористички напад во Франција

Главноосомничениот Реда Крикет во истрагата за планираниот напад во Франција со засега непознати размери, беше обвинет вчера од страна на судијата за антитероризам. Според јавниот обвинител на Париз, Франсоа Молан, на обвинетиот му е изречена мерка притвор, јави дописникот на МИА од Париз.

Триесет и четиригодишниот Французин е обвинет за „учество во здружување во криминална терористичка група, со цел за подготовка на едно или повеќе кривични дела кои имаат за цел „стекнување, поседување и пренесување оружје од категориите А и Б во организирана банда”, „производство во организирана банда на експлозивни или запалливи материи“, „поседување и пренос на запалливи и експлозивни материи во намера за подготовката на атентати врз луѓе со експлозивна материја“, „било каков прекршок во врска со тероризам“, објасни обвинителот.

Во овој случај, кој се разви во текот на анти-терористички операции во Белгија и Холандија, и откривањето на оружје и експлозиви во Франција, Реда Крикет беше изведен пред судија по шест дена притвор. Оваа исклучителна мерка со времетраење може да се утврди од страна на судот во случај на непосредна воена опасност од напад или за потребите на меѓународната соработка.

Реда Крикет беше уапсен на 24 март во Булоњ-Бијанкур, Горна Сена во парискиот регион, само два дена по нападите на Брисел, помалку од една недела по апсењето од страна на белгиската полиција Салах Абдеслам, клучниот осомничен за нападите од 13 ноември во Париз и Сен Дени.

Осомничениот ја доведе полицијата до „конспиративниот стан” во Аржантај (парискиот регион) изнајмен „со користење на лажен идентитет” од летото 2015 година, според парискиот обвинител при пребарувањето во станот е пронајден „арсенал со невидена големина“.

Таму се пронајдени пет калашњикови и полначи, митралез од хрватско потекло, седум пиштоли, солзавец, големо количество муниција, пластичен сад со содржина 105 g на TATП, импровизиран експлозив кој го користат џихадисти на ИД, три шишиња од хидроген пероксид, ацетон, две канти од 10 и 15 литри кои содржат киселина, шест шишенца со глицеринска киселина, 1,3 килограми индустриски експлозив, детонатор –шприц наполнет со прашок со електрично полнење подготвен за употреба, четири кутии со илјадници челични билии, пет украдени француски пасоши, седум нови телефони, два компјутери со „документација во врска со џихадистичките групи, како и импровизирани експлозивни направи”.

– Ако не постои специфично идентификувана и предвидена цел, сепак, откривањето на оваа скривница укажува на тоа дека откривањето дозволи да се спречи извршување на акција со екстремно насилство од страна на терористичката мрежа подготвена да премине на акт, изјави обвинителот Франсоа Молан.

Според Молан, Реда Крикет објаснил за време на притворот дека го најмиле станот во Аржантај по барање на трето лице чиј идентитет не го откри. Ова лице, придружувано од друго, ги оставил хемиските материјали и оружјето пред седум или десет месеци. Самиот тој го призна купувањето на хемиската опрема и пасошите во Барвес-осумнаесетиот париски арондисман.

По Аржантај, истрагата за планираниот напад се пресели во Белгија, особено во Холандија, каде што уште еден осомничен, Анис Бахри, 32 години, е уапсен со налог од францускиот суд во неделата во Ротердам. Во текот на пребарувањата, пронајдени се не помалку од 45 кг муниција 7,62 калибар, која се користи за калашњикови, според полициски извори блиски до истрагата.

За Реда Крикет и Анис Бахри се верува дека биле во Сирија меѓу крајот на 2014 и почетокот на 2015 година Од нивното враќање, тие се осомничени „дека редовно патувале меѓу Франција, Белгија и Холандија“.

Осуден повеќе пати во Франција за акти на насилство или кражба, меѓу кои и на пет години затвор од судот Нантер во 2005 година за неговата улога во казнена експедиција, Реда Крикет не им е непознат на антитерористичките служби.

Тој беше осуден во отсуство во јули 2015 година во Белгија при судењето на џихадистичката група која праќала џихадисти во Сирија, еден од главните осомничени беше Абделхамид Абауд фигура франкофонските џихадисти на ИД и една од наводните организатори на нападите од 13 ноември, убиен неколку дена подоцна во полициската операција.