Речиси половина милион туристи лани ја посетиле Македонија

Македонија како туристичка дестинација станува препознатлива на светската туристичка мапа, а туризмот во земјава бележи континуиран раст.

Трендот на раст на македонскиот туризам започна во 2011-та година, кога почна субвенционирањето на странските гости. Освен промоција на Македонија на туристички план во светски рамки, и многу други мерки придонесоа за зголемување на бројот на туристите. Субвенциите за тур- операторите, евтините авиобилети до Македонија, изградба на модерни плажи, пешачки и планинарски патеки околу езерата, промоција на земјава како атрактивна туристичка дестинација на светските медиуми, можноста за изградба на хотели на државно земјиште по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, се дел од мерките кои овозможија постојан раст на туризмот во последните години и зголемување на бројот на странските туристи, пишува „Курир“.

Се поголем е и бројот на Французи кои ја посетуваат Македонија.

Успехот на Македонија на францускиот пазар, е насловот на веста која на 23 март е објавена на порталот за професионалци од областа на туризмот „Tour Hebdo“.

turizam-makedonija-francija

-Македонија била домаќин на 41,4% повеќе Французи во 2015 година во споредба со претходната година, со 7 603 пристигнувања (2225 повеќе во споредба со 2014 година). Според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Македонија, ова е европски пазар кој постигнал најсилен напредок во однос на дестинацијата пред Холандија (+23,4%), Англија (+15,7%), Германија (+14,4%) и Белгија (+14,6%). Просечното времетраење на престојот изнесувал 2,2 ноќевања во просек, што отсега ги позиционира француските туристи пред нивните соседи Германци, Англичани и Италијанци (но зад Холанѓаните и Белгијците), пишува порталот и додава:

„Во моментов, на Франција отпаѓаат 1,57% од меѓународните посети на дестинацијата (наспроти 1,26% во 2014 година). Се смета дека Франција е еден од „новите пазари со многу силен потенцијал за дестинацијата“ и покрај мигрантската криза која влијае на Македонија. Во 2015 година, бројот на меѓународни пристигнувања во Македонија се зголеми за 14,2%, кои изнесуваа речиси 486 000, а беа евидентирани повеќе од еден милион комерцијални ноќевања.“

Инаку, во 2006 година имало 202.000 странски туристи, а во 2015 година бројот е зголемен на 483 илјади странски туристи.

Статистиката вели дека во периодот јануари-декември 2011 година, во однос на истиот период од претходната 2010 година, бројот на туристите е зголемен за 10.5%, при што кај странските има зголемување за 25.1%. Во периодот јануари- декември 2012 година, во однос на истиот период од претходната 2011 година, бројот на туристите е зголемен за 2.5%. при што кај странските има зголемување за 7.3%.

Во периодот јануари- декември 2013 година, во однос на истиот период од претходната 2012 година, бројот на туристите е зголемен за 5.8%, при што кај странските има зголемување за 13.8%. Во периодот јануари- декември 2014 година, во однос на истиот период од претходната 2013 година, бројот на туристите е зголемен за 4.8%, при што кај странските има зголемување за 6.4%.

Додека пак, во периодот јануари-декември 2015 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 10.9%, при што кај странските има зголемување за 14.2%.

Годинава ќе се инвестираат околу 2,5 милиони евра субвенции на турооператорите кои носат странски туристи во државата, најави неодамна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-Кај некои држави веќе имаме зголемување од оваа година на субвенциите, кај 12 држави. А кај седум од нив зголемувањето е од 25 на 65 евра, а кај пет е од 25 на 35 евра, со тоа што следната година ќе имаме дополнително зголемување на 45 евра.

Од 25 евра на 65 евра се зголемуваат субвенциите за привлекување на странски туристи од Израел, Австрија, Малезија, Јужна Кореја, Италија, Франција, Шпанија.

Исто така, ќе се овозможи висината на субвенции за чартер превоз да се зголемат од 25 евра на 35 евра за привлечените туристи од Чешка, Словачка, Унгарија, Полска и Романија. Од 01.01.2017 пак, субвенциите за овие земји ќе се зголемат од 35 евра на 45 евра.

Од Владата велат дека согласно направените анализи, проценки и остварени контакти, се цени дека со ова зголемување на субвенциите ќе се создадат сериозни услови и можности да се обезбедат туристи од овие земји, што би имало позитивно влијание во трендот на постојан раст на туристичкиот сектор. Домашните туристички агенции може да ги користат овие можности за привлекување на туристи уште во текот на зимските одмори.

-Многу сме посветени на инвестиции во растот на туризмот и во растот на бројот на странски туристи кои престојуваат во нашата земја, затоа што на тој начин се обезбедува дополнителен девизен прилив и во туризмот и во останатите околу 20-тина стопански гранки кои имаат допирни точки со него. Радува податокот дека минатата година близу половина милион странски туристи ја посетиле Македонија, имајќи во предвид дека од оваа година доаѓа до проширување на бројот на земји за кои важат субвенциите за привлекување на странски туристи и покачување на самата субвенција за поедини земји. Ние сме оптимисти дека тој позитивен 10 годишен тренд ќе продолжи и оваа година и ќе има дополнителни позитивни влијанија. Токму тие нови туристички субвенции за привлекување на странски туристи се сериозен мотив за домашните туристички агенции да стапат во контакт со нивните странски партнери, да опфатат нов број на туристи од странство кои ќе претстојуваат во Македонија и на тој начин да влијаат позитивно на сопствената профитабилност, профитабилноста на другите гранки кои што се во допирна точка со туризмот, на отворање на нови работни места и на општиот економски раст на РМ, истакна владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.