Дачиќ: Србија не планира да се приклучи кон НАТО

Србија не планира да се приклучи кон НАТО и тоа го одразува ставот на мнозинството српски граѓани, изјави денеска во Москва српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ по средбата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

– Не планираме да се приклучиме кон НАТО. Никој во Владата не иницирал членство на Србија во Алијансата. Нашата соработка и односите со НАТО остануваат на партнерско ниво во име на мирот и се одржуваат врз основа на одделни планови за оние земји кои не сакаат да станат членки на Алијансата. Мнозинството српски граѓани се против членство на нашата земја во НАТО, истакна Дачиќ.

Зборувајќи за плановите на Србија да се присоедини кон ЕУ, шефот на српската дипломатија нагласи дека интерес на неговата земја е да стане членка на Унијата.

– Ние сме земја која и географски и политички се наоѓа во тој дел на Европа. Меѓутоа тоа не може да ги загрози нашите добри односи со Русија, порача Дачиќ.

Лавров по разговорите со својот српски колега истакна дека Москва добила потврда од Белград дека не планира да учествува во акциите на НАТО кои се насочени против Русија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.