ФОТО: Отворена спомен куќата на Татарчеви во Ресен

Спомен куќата на Татарчеви – проект на Владата за којк се вложени 30 милиони денари беше промовиран денеска во Ресен.

Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска истакна дека преку возобновувањето на Домот на Татарчеви воедно длабоко се поклонуваме пред големата жртва и придонесот на нашите револуционерни дејци кои целиот свој животен век го посветија на изворната идеја за самостојна и независна македонска држава на Балканот.

spomen kuka resen

– Градот Ресен, но и Република Македонија добиваат еден нов културен дом во кој е содржана идејата да се претстават најзначајните личности од историјата на Македонската револуционерна историја кои се поврзани со животот и делото на Христо Татарчев, како и личности кои потекнуваат од овој крај и кои со своите интелектуални и дипломатски потенцијали ја одбележале балканската историја, посочи Канческа Милевска.

spomen kuka resen2

Ентериериерот на Спомен куќата на Татарчеви е амбиентално облагороден со оригинални предмети од куќата на Татарчеви од крајот на 19. и почеток на 20. век. Во куќата се изложени 8 восочни фигури, како и сликарски композиции кои бележат историски моменти, односно Ресенското советување на Македонската револуционерна организација-МРО во 1894 година и Ресенската чета на војводата Славејко Арсов, кои денес, меѓу другите посетители ги погледна и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски.

spomen kuka resen3

– Минатата година имав чест да присуствувам на почнувањето на градбата, а еве денес сум на свеченото отворање на куќата со голем број автентични предмети, има одлична сценографија, уметниците и историчарите завршиле одлична работа и на задоволство на сите граѓани како и на поширокото семејство Татарчеви. Ова место во иднина ќе биде посетувано од многу луѓе кои ја познаваат историјата или кои што сакаат да се запознаат со историјата. Ова изборно ветување го ветивме пред граѓаните на Република Македонија бидејќи д-р Христо Татарчев беше значајна личност не само за Ресен, туку тоа е личност која има големо значење за сите граѓани, за целата држава и нација, истакна лидерот на ВМРО ДПМНЕ, истакна Груевски.

spomen kuka resen1

Општина Ресен очекува со отворањето на Спомен куќата на Татарчеви директно да се влијае врз развојот на монументалниот туризам за кој тамошната локална самоуправа континуирано се залага, истакна градоначалникот на општина Ресен, Ѓоко Стрезовски.

spomen kuka resen4

– Спомен куќата на Татарчеви претставува своевиден ресенски храм на македонскиот непокор, место каде се одржало првото советување на МРО. Оваа куќа денес ја издигнуваме во место каде што сегашните и идните генерации Македонци ќе може директно да сведочат за големината на ликот и делото на д-р Христо Татарчев. Музејот на Татарчеви покрај улогата на жив учебник истовреме ќе претставува објект кој директно ќе помогне во зголемувањето на туристичкиот капацитет и понуда на општина Ресен, рече меѓудругото градоначалникот Стрезовски на денешниот промотивен настан во овој град.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.