Спасовски го прикрива незаконското работење на командантот на Алфите поставен од него

МВР, засега, чува во тајност дали новоназначениот командант на единицата „Aлфи“ Примислав Димовски, постапил спротивно на процедурите, ослободувајќи  приведено лице, кое „Aлфите“ го уапсиле бидејќи кај него пронашле нож.

Нема никакви информации за јавноста до каде е постапката на Внатрешната контрола, која е основата заради која новиот командант на „Aлфите“ вртел телефони и барал спротивно на процедурите да не се заведува и да се ослободи приведеното лице, како и дали се утврдени мотивите на командантот, за кого неговите подредени пред внатрешна контрола тврделе дека им наредил да го ослободат приведениот, пишува Курир.

Како што објави телевизија Алфа, тим од единицата за прв одговор и интервенција уапсиле лице кај кого пронашле нож, осомничениот со лисици на рацете стигнал само до полициската станица Центар, а според извештајот на „алфите“, тие морале да го ослободат бидејќи така им наложил новиот командант Димовски, кој на позицијата е од февруари по наредба на министерот Спасовски.
Службените белешки на Aлфите и снимката од безбедносната камера е единствениот траг за апсењето. Во станица не била направена службена белешка ниту дека е предадено осомничено лице, ниту пак дека истиот е ослободен.
Дека се води постапка за овој настан, телевизијата доби потврда и од МВР, со образложение дека за исходот јавноста ќе биде дополнително известена. Оваа постапка која ја води Внатрешна контрола, беше изоставена од билтенот на Министерството.
Последниот извештај за дисциплински постапки кои внатрешна контрола ги води за вработените во полицијата беше објавен во јануари лани, оттогаш запре праксата извештаите да бидат ставени на увид на јавност. На прашањето, зошто повеќе не се објавуваат извештаите од Внатрешна контрола, портпаролот на МВР рекол дека станувало збор за „техничка работа“, а истите како што рече ќе биле објавени можеби уште денеска.