Македонија

ОМД: Преговорите за името треба да се прекинат

ОМД: Преговорите за името треба да се прекинат

Неочекуван е ставот на амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли  дека ова е погоден момент да се одврзе јазолот во врска со името. Јазолот е неприроден и се заснова на дискриминаторска политика на големите сили на почетокот на 20-тиот век, период кога сите освен македонскиот народ декларираа независност на своите држави, реагира Обединетата македонска дијаспора на вчерашната изјава на амбасадорот.

„На Македонија веќе 25 години ѝ е оспорено правото на самоопределување, 25 години е заложник на „добро-соседската“ политика на соседните држави, во кој спор, повеќе од година и половина медијаторот Метју Нимиц нема остварено средба под покровителство на Обединетите Нации“, соопштува ОМД и порачува дека имаме можност таа историска грешка да ја корегираме и да му овозможиме на македноскиот народ и малцинствата кои живеат во Македонија да ја развиваат демократијата, мирот и стабилноста во регионот и светот.

„По барање на ОМД, по однос на изјавата на амбасадорот Бејли, медијаторот Нимиц се огласи со неистомислен став дека е од суштинско значење да се почека до изборите закажани на 5 Јуни и креирање на нова влада за идни преговори, но нивното почнување не ја занемарува важноста на самитот на НАТО за земја како Македонија“.

Ставот на ОМД околу преговорите за името е дека тие треба да се прекинат.

„Да не дозволиме дискриминаторската политика на Грција да ги погази демократските вредности на модерните демократии. Отворете ги вратите на НАТО. Со политика на отворена врата и про-демократски пристап, длабоко сме уверени дека внатешните политичките проблеми би биле соодветно решени и надминати…. Евроатлантските аспирации на Македонија се непобитен и докажан факт…. Редно време е НАТО членките да ја прифатат Македонија под уставното име како рамноправен член во Алијансата.  ОМД верува дека Амбасадорот Бејли пред самитот во Варшава ја има најдобрата можност за залагање пред своите претпоставени во Вашингтон, да се стави крај на политиката на сегрегација и поделба и да се поправи историската грешка на кршење на основата на меѓународните односи т.е. непочитување на хашката пресуда“, соопшти ОМД.