Се реконструира улицата Саса 2 во Пинтија

Се реконструира улицата Саса 2 во Пинтија

Започнaa градежните активности за реконструкција на коловозот на улица “Саса 2” во населбата Пинтија. Градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ и повеќе раководители на стручните служби од оваа институција, денес излегоа на терен каде, по налог на општината, работи фирмата “Изолација”.


На оваа локација, во должина од 347 метри, ќе се проширува коловозот, ќе се изведува нова коловозна конструкција, ќе се изработуваат тротоари. Постојната улица е со асфалтен коловоз со ширина од 3,5 метри, со видливи оштетувања, ударни дупки и попречни пукнатини. Согласно проектот, коловозот ќе биде проширен на 6 метри, по отстранувањето на постоечката коловозна конструкција, истата ќе се замени со нова, предвидени се тротоари со ширина од 2 метри, а улицата ќе биде и осветлена. Сево ова е посебно значајно бидејќи во непосредна близина општина Кисела Вода гради нова градинка, тука функционира подрачно училиште, а постојат и станбени објекти.

Беличанец – Алексиќ изврши и увид во динамиката на работа на фирмата “Бауер БГ” која на ова место ја изведува градинката. Беше констатирано дека објектот е во напредна фаза, од што задоволство изразија и голем број на жители на оваа улица. Поразговараа и за останатите нивни потреби и барања и можноста тие да бидат реализирани.

Градежните работи на улица “Саса 2” треба да финализираат во првата половина од месец мај. За реализација на овој проект, општина Кисела Вода од својот буџет издвои околу 5, 5 милиони денари.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.