Во Македонија има 120.000 лица со дијабетес, 35.000 се на инсулин

Во Македонија околу 120.000 лица се заболени од дијабетес, а 35.000 се на инсулинска терапија. Бројот на заболени се зголемува и затоа неопходно е да се прават превентивни прегледи и подигне свеста кај населението за ризик факторите за појава на дијабетес поврзани со исхраната, физичката неактивност, зголемената телесна тежина, стресот. Компликациите од болеста може да се спречат со добра контрола на шеќерот во крвта, зголемување на физичката активност, правилен начин на исхрана и соодветна терапија.

Ова го истакнаа учесниците на стручниот состанок во пресрет на 7 април, Светски ден на здравјето, кој годинава се одбележува под мотото „Да го победиме дијабетот“. Состанокот го организираше Институтот за медицина на трудот на Република Македонија, Скопје – Колаборативен центар на Светската здравствена организација, во соработка со канцеларијата на СЗО.

– Секоја година имаме податоци дека се зголемува бројот на заболени од дијабетес. Значи и преваленцата односно вкупната стапка на заболени на 100.000 жители и инциденцата односно бројот на нови случаи на годишно ниво се зголемуваат, изјави доктор Игор Спироски, научен соработник од Институтот за јавно здравје на Република Македонија.

Посочи дека според проценките на СЗО, дијабетесот до 2030 година ќе се искачи повисоко од сегашната ситуација во однос на морталитет, морбидитет, каква ќе биде неговата преваленца итн. Дијабетесот, посочи, ќе стане седма најчеста болест во светот која ќе го оптоварува здравствениот систел и државите воопшто.

– Ризик фактори за дијабетес се јадење храна богата со шеќер, масти. Тоа се некои параметри кои сигурно влијаат врз раниот почеток на дијабетесот пред се на дијабетес тип 2. Но, податоците покажуваат дека има поголема зачестеност на дијабетес тип 1 во Република Македонија. Физичката неактивност е еден од ризик факторите. Извештаите покажуваат дека зголемената телесна тежина и дебелината се број еден ризик фактор за хронични незаразни болести во најголем број држави и членки на СЗО, рече Спироски.

Според него, она што треба да се направи е да се работи на подигнување на свеста за ризик фактори за дијабетесот поврзани со исхраната, значи што јадеме и како ја управуваме својата телесна тежина и кои политики во исхраната треба да бидат имплементирани за да може да се намалат ризиците за дијабетесот првенствено, но и за другите хронични незаразни заболувања.

Проф.д-р Горан Петровски од Клиниката за ендокринологија, дијабетес и болести на метаболизмот рече дека во светот има околу 350 милиони лица со дијабетес.

– Добро е што претежно станува збор за лица со тип 2 дијабетес. Овие бројки се зголемуваат енормно и во Европа има некаде околу 60 милиони лица со дијабетес. Оние податоци кои беа објавени пред неколку години дека на 10 секунди имаме еден пациент со тип 2 дијабетес кој умира од компликации, сега за жал се намалени на седум секунди, истакна Петровски.

Со овој вид кампања, нагласи, во суштина би можело на некој начин да се зголеми свесноста за дијабетесот кај нас.

– Во Македонија има околу 120.000 лица со дијабетес, а 35.000 се на инсулинска терапија. Треба да се земе предвид дека на секое откриено лице со дијабетес има уште едно неоткриено лице со дијабетес. Добро е што ги имаме оние превентивни прегледи бидејќи на тој начин може на некој начин да се откријат и останатите лица со тип 2 дијабетес бидејќи сите оние знаци и симптоми на дијабетесот не мора да значи дека ќе бидат присутни кај сите пациенти, потенцира Петровски.

Според него, компликациите се оние кои треба да се спречат, а тоа би можело да се направи со добра гликемиска контрола, зголемување на физичката активност, правилен начин на исхрана и соодветна терапија кај пациентите со тип 2 дијабетес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.