Македонија

ССК: На Македонија и се потребни технолошки паркови

ССК: На Македонија и се потребни технолошки паркови

Како што појасни денеска на прес – конференција извршниот директор на ССК Митко Алексов, технолошките паркови се практично спој на науката, државата, планските региони (општините) и приватните инвеститори, а нудат даночни ослободувања, како и ослободувања од царина за увоз на стоки наменети за капитални инвестиции. Важни се за опстанок и развој на современите индустрии, ги поттикнуваат малите и средните компании ориентирани кон високи технологии, го забрзуваат процесот на модерното претприемништво, го овозможуваат растот на старт-ап бизнисите и придонесуваат за стопански развој базиран на знаење.

– Сметаме дека Македонија треба да се насочи кон етаблирање вакви паркови кои ќе претставуваат средина што привлекува домашни и странски инвестиции. Во технолошките паркови доминантни се знаењето и иновативноста за сметка на суровините, енергијата и физичката работна сила, истакна Алексов, додавајќи дека со примената на нови технологии (микроелектроника, биотехнологија, нано материјали, генетски инженеринг…) се менува начинот на производство, се подобрува квалитетот, се зголемува продуктивноста на трудот и се придонесува за поздрава животна средина.

Технолошките паркови се и почетен стимул за сузбивање и надминување на т.н. технолошки конзерватизам и инерција.

– Реструктуирањето на постојните капацитети е сложен, тежок и долготраен процес кој наидува на отпор од веќе постоечките технологии, старите кадри и воспоставените деловни односи, но со технолошките паркови државата ќе биде забележана како субјект кој вложува во своите капацитети и кој цели кон привлекување странски и домашни инвестиции, унапредување на бизнис климата и обезбедување посигурна иднина на граѓаните, подвлече извршниот директор на ССК.

Тој информира дека за предлогот да се формираат технолошки паркови во Македонија веќе се информирани некои од надлежните институции, а интензивно се разговора со поголемите компании особено од ИТ-секторот.

Одговорајќи на новинарски прашања, Алексов ја појасни разликата меѓу технолошките паркови и слободните индустриските зони. – Едно евро вложено во иновација, на среден рок прави поврат од најмалку 15 евра, нагласи Митко Алексов.

Технолошки паркови има во соседните држави, но овој модел е повеќе развиен во Европа, особено централна, а од неодамна и во југоисточна – Словенија, Хрватска,… Може да функционираат како акцелератори или инкубатори.