Македонска икона поставена во црквата во Назарет

Во базиликата на Свето Благовештение во Назарет во Израел од денеска се наоѓа икона со ликот на Пресвета Богородица, како спомен-обележје од Република Македонија.

Како што информира Министерството за култура, иконата ја постави македонската делегација предводена од заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ и амбасадорот на Македонија во Државата Израел, Пајо Авировиќ.

Иконата, во форма на мозаик е поставена во просторот каде се наоѓаат спомен-обележја од речиси сите држави во светот, православни и католички.

На иконата е претставена реплика од познатата икона од манастирот во Зрзе, „Св.Богородица пелагониста“.

Иницијативата за поставувањето на ова спомен-обележје е на Туристичката комора на Македонија, а за поставувањето на иконата мозаик, согласност и благослов даде и Македонската православна црква, преку Архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Македонската делегација утре во најголемиот музеј на холокаустот ќе положи цвеќе во спомен на жртвите од холокаустот.