Трагите на хакерскиот напад врз „Мосак Фонеска“ водат кон Европа

Трагите на хакерскиот напад врз компјутерскиот систем на панамската адвокатска компанија „Мосак Фонеска“, по кој истекоа 11,5 милиони документи, водат кон Европа, изјави синоќа еден од партнерите основачи на фирмата Рамон Фонеска, пренесе МИА.

Тој одби да појасни врз што е засован тој заклучок и кој го направил.

– Не може да кажеме повеќе, бидејќи за овој случај во моментов се води истрага, изјави Фонеска, чија фирма е специјализирана за создавање офшор компании.

Фонеска истакна дека неговата фирма преферира да не соработува со граѓани на САД. Со тоа се појаснува мошне малиот број Американци во т.н. „Панамски документи“, објавени пред неколку дена од Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари.

Правникот појасни дека тој и неговиот партнер Јорген Мосак традиционално соработуваат со клиенти од земји од Европа и Латинска Америка.

Од објавените документи се дознава дека 3.500 сопственици на акции на офшор компании и доставиле на компанијата адреси во САД, што сепак не значи дека тие лица се американски државјани, објави претходно весникот „Њујорк тајмс“.