Интензивно се градат спортските сали на УКИМ и Домот за деца без родители „11-ти Октомври“

Интензивно се градат спортските сали на УКИМ и Домот за деца без родители „11-ти Октомври“
Интензивно се градат спортските сали на УКИМ и Домот за деца без родители „11-ти Октомври“
Студентите на најголемиот Универзитетски кампус во Македонија до почетокот на новата учебна година ќе добијат репрезентативен спортски објект. Големата спортска сала, која ја гради Агенцијата за млади и спорт е во напредна фаза на градба. Според информациите од Изведувачот, околу 70% од градежните работи се завршени и се очекува до месец октомври објектот целосно да се финишира.
Станува збор за еден од покапиталните објекти на АМС, кој истовремено е и од големо значење за УКИМ, бидејќи ќе се надмине еден голем децениски проблем на Универзитетот со просторните услови за одвивање на наставата по физичко, но истовремено ќе се овозможи непречено и во идеални услови, студентите и универзитетските тимови да ги одржуваат своите тренинзи и да бидат горди домаќини на гостински екипи од странство.
Салата ќе биде приспособена да се користи за кошарка, одбојка, мал фудбал, тенис, пинг понг, гимнастика, боречки спортови и сите останати дисциплини поврзани со физичкото образование и спортот. Централниот спортски терен ќе биде со димензии 40/20 метри, а покрај главната намена треба да овозможи едновремено одвивање на паралелни спортски активности со разделување на теренот на два дела со подвижен параван. Спортската сала ќе има трибини со капацитет од 1 100 гледачи и под трибински простор кој ќе биде искористен за фитнес, теретана, простории за пинг-понг, простории за состаноци и предавања и канцеларски простории.
ams sala 2
Со изградбата на оваа сала ќе се заокружи проектот на Агенцијата за млади и спорт за изградба на 35 спортски сали во државата, но АМС продолжува со изградба на нови спортски сали. Една од нив е и спортската сала во Домот за деца без родители 11-ти Октомври во Капиштец, која започна со градба во септември минатата година.
Станува збор за реализација на еден долгоочекуван проект, со кој штитениците од Домот 11-ти октомври, конечно ќе добијат вистински услови за спортување, рекреација и тренинзи, а со тоа и  можност да практикуваат поздрав живот и да се насочат кон вистинските вредности.  Спортската сала ќе има најмодерна спортска опрема и ќе биде оспособена  да се користи за мал фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, гимнастика, пинг-понг и за многу други спортови, а што е најважно – во целост ќе ги задоволи потребите на дечињата.
Во изминатите неколку години, преку Агенцијата за млади и спорт се изградени вкупно 222 објекти низ целата држава, за што од буџетот се издвоени преку 40 милиони евра.