СОНК: Протестот пред Министерство за култура е обид за политички притисок

Во врска со Соопштението на Синдикатот за култура на Република Македонија од 25. 04. 2016 година, доставено до средствата за јавно информирање, Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК,  кој е единствен репрезентативен синдикат во Р.Македонија и во дејноста култура, јавно реагира во врска со најавениот протест на Синдикатот за култура на Р.М. – СКРМ , од следниве причини:

Ја пренесуваме во целост реакцијата на СОНК

– Многу е проѕирно и секако смешно да се поверува во тврдењето на СКРМ, дека протестот нема врска со сегашните политички состојби во Р.Македонија, токму сега кога Собранието на Р. Македонија е распуштено, да се покренува барање за измени на законите кога на секој со најелементарна писменост, му е јасно дека законите и нивните измени може да ги носи Парламентот на државата.

– Протестот, кој е најавен да се одржи пред Министерството за култура, исто така јасно укажува на политички обиди за да се изврши притисок врз државен орган, кој нема никакви надлежности по ниедно од наведените барања, бидејќи сите произлегуваат од закони кои сега се во примена.

– Доколку има случаи во некои од установите од културата на кршење на одредби од важечките закони, како што е наведено во Соопштението на СКРМ, треба да се покрене одговорност од одговорните во тие установи и да се побара вклучување на соодветните инспекции.

– Констатацијата дека платите во културата биле ниски, ниеден  сериозен синдикат никогаш нема да каже дека за било која висина на  плати, без разлика во јавниот или приватниот сектор се високи, а тоа не се случува ни во најмоќните економски држави. И СОНК, како единствен репрезентативен синдикат и легитимен преговарач со ресорното Министерство, никогаш не кажал дека платите во културата се доволни и токму затоа толку долго траат преговорите за новиот Колективен договор за културата, кој најавуваме дека многу брзо ќе биде потпишан помеѓу СОНК и Министерството за култура и со кој значајно ќе бидат подобрени платите во културата. Како една од најголемите придобивки со новиот колективен договор е и заедничкиот успех помеѓу министерството и СОНК, со уврдување на каталогот на работни места за целата дејност култура, со кој се внесени сите реално потребни работни места за функционирање на секоја од установите, што значи дека се избришани неверојатно многу измислувани работни места кои немале никаква содржина на работа во дејностите од културата.

На крајот сакаме да го изразиме нашето цврсто убедување дека утрешниот протест неизбежно се врзува за политичките состојби во државата и дека целта е на ваков начин, преку манипулација, да придобијат евентуално некои од вработените од установите од културата, или да поколебаат некои од членовите на СОНК кои од некои причини не ги следеле активностите на нашиот Синдикат, во врска со споменатите прашања.

И сосема на крајот, СОНК не го спори уставно загарантираното право на протест, но секогаш ќе реагира кога ова право се злоупотребува, во конкретниот случај и во времето во кое се одржува и пред државниот орган каде е најавено одржувањето на истиот, како и манипулациите во врска со кршење на одредби од постоечките закони, без да се посочат установите во кои има такви случаи.