СДСМ одбива да ги соопшти имињата на другите кандидати

Социјалдемократите избегнуваат да откријат кои кандидати освен Стево Пендаровски биле во потесниот круг за кандидат за Претседател на Република Македонија, објави информативниот портал „Курир“.

На вчерашната прес конференција од партијата обелоденија дека од општинските огранизации на СДСМ биле предложени вкупно 26 кандидати за претседател, од кои осумнина влегле во потесниот круг, но не открија за кои личности станува збор.

„Беа предложени вкупно 26 кандидати од општинските организации. Во тесен круг беа 8-мина кандидати. Професор д-р Стево Пендаровски е предложен од сите општински организации на СДСМ“, рече на вчерашната прес конференција генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на СДСМ, Оливер Спасовски.

Иако јавноста има право да дознае кои биле сите предложени кандидати во трката со Пендаровски, од СДСМ избегнуваат да ги откријат нивните имиња. На вчерашната прес конференција оттаму само изјавија дека секој од предложените кандидати за Претседател на државата од СДСМ  поседувал сопствен, личен и професионален квалитет и интегритет достоен за извршување на функцијата Претседател.

Портпаролот на СДСМ Петре Шилегов и денес одби да ги открие имињата на кандидатите. На прашањето „Кои се 26-те кандидати кои биле предложени за претседател од СДСМ и кои од нив влегле во потесниот круг“, тој рече дека “вчера целосно било апсолвирано тоа прашање“, иако вчера освен името на Пендаровски, не беше споменато ниту едно друго.

Ваквото одбивање од страна на најголемата опозициска партија да ги соопшти имињата на преостанатите седум кандидати кои влегле во потесниот круг е само потврда на пишувањата на дел од медиумите дека изборот на Пендаровски е направен нетранспарентно, зад затворени врати и без процедури.