Стопанска комора: Загрижувачка е состојбата со економските партнери

Стопанска комора: Загрижувачка е состојбата со економските партнери
Стопанска комора: Загрижувачка е состојбата со економските партнери

Губење на постојните и потенцијалните странски партнери со кои соработуваат или планираат да соработуваат македонските компании е најголемата опасност по најавите од ЕУ за можното одземање на препораката за претпристапни преговори во јуни годинава, оценува Стопанската комора на Македонија.

Комората која денеска одбележува 94 години постоење, предупредува дека постои голема загриженост од тоа како актуелните состојби во државата би се одразиле врз стопанството.

– Веќе имаме примери од компании на кои во контакти со странски партнери им е наведено дека како земја сме окарактеризирани како ризично подрачје и затоа кај странските партнери, независно дали се од ЕУ или од нашето поблиско опкружување, се јавува резервираност во соработката поради постоење ризик од ненавремена испорака на производи и услуги или неможност за реализирање на планираниот извоз поради ненавремено снабдување со потребните суровини кои се увезуваат, наведува Стопанската комора во писмената оценка и додава дека ова би можело во голема мера да влијае на нашата надворешно-трговска размена со земјите од ЕУ.

Претседателот на Комората Бранко Азески во обраќањето по повод годишнината нагласи дека е потребна акција. – Ни треба акција, да бараме нови пазари и од „петни жили“ да ја развиваме индустријата, потенцира Азески.

Според него, држењето настрана од политиката е суштинска потреба на Комората за најоптимално извршување на нејзината функција. Без консензус, пак, меѓу јавниот и приватниот сектор, нема економски напредок.

– Во бизнисот нема делење по никаква основа, верска, етничка, национална… Постои само еден интерес – создавање поголем профит за компаниите, порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески.

На одбележувањето 94 години постоење беа доделени наградите  на компании и членки за 2015 година, но признание доби и Агенцијата за храна и ветеринарство за најдобра соработка со Комората од државните институции.

На свеченоста присуствуваше  и директорот на Делегацијата на германското стопанство во Република Србија Мартин Кнап.