Советот на НБРМ го усвои годишниот извештај за 2015 година

нбрм

Народната банка на Република Македонија во текот на 2015 година во услови на неизвесни и променливи движења на светската економија, монетарната политика, како и во претходните години, се водеше во согласност со остварувањето на основната цел, одржување на ценовната стабилност, којашто се спроведува преку стабилниот курс во однос на еврото.

Во соопштението од седница на Советот на НБРМ, на која е узвоен годишниот извештај за 2015 година, се наведува дека минатата година инфлацијата беше на нивото од -0,3%, исто како и во 2014 година, што во целост се должи на сѐ уште ниските цени на енергентите. Движењата на девизниот пазар во 2015 година ги потврдија стабилните очекувања за девизниот курс, а во тој контекст и стабилните инфлациски очекувања. Народната банка интервенира со умерен износ на нето-продажба на девизи, притоа одржувајќи ја стабилноста на номиналниот девизен курс на денарот во однос на еврото. Од друга страна, новите компании со странски капитал коишто имаа солидни извозни остварувања имаа, структурно, поволен одраз врз движењата на девизниот пазар. Девизните резерви се намалија, во услови на нето-отплати на обврските на државата кон странство, но и натаму се на солидно ниво, при што сите показатели за соодветноста на резервите постојано беа поволни и укажуваа на доволно ниво за амортизирање на евентуалните неповолни шокови. Основната каматна стапка и натаму е непроменета, на нивото од 3,25 отсто.

Домашната економија растеше во 2015 година, кога, согласно со проценетите податоци, бруто домашниот производ се зголеми за 3,7 проценти, со идентичен износ како во 2014 година. Во споредба со 2014 година, најзначајна промена во придонесот кон годишниот раст имаше градежништвото, по што следеа трговијата, транспортот и угостителството, додека новите капацитети ориентирани кон извозот и натаму се значајна карактеристика на македонската економија.

Според извештајот дефицитот на тековната сметка на билансот на плаќања и во 2015 година е на умерено ниво, не упатувајќи на поголеми нерамнотежи во надворешниот сектор. Во споредба со 2014, јазот во тековната сметка умерено се зголеми за 0,6 п.п. од БДП и достигна 1,4 отсто од БДП. Сепак, салдото во размената на стоки, што претставува особено сигурен показател, забележа подобрување, во услови на растечки нето-извоз на новите индустриски капацитети во економијата и намалување на светските цени на нафтата.

во 2015 година продолжи растот на паричната маса и на кредитната активност. Во услови на натамошно закрепнување на економијата, поволни движења на пазарот на труд, како и релативно високи приливи врз основа на приватните трансфери, во 2015 година се забележува солидно зголемување на паричната маса М4 и на депозитната база на банкарскиот систем. Ваквите остварувања беа дополнително поткрепени со зголемената кредитна активност.

На денешната седница, Советот на Народната банка го донесе и Извештајот за ризиците во банкарскиот систем во 2015 година, при што е утврдено дека и покрај сите предизвици, коишто пред сѐ се состојат од изразените домашни превирања и од должничката криза во Грција, банкарскиот систем ја задржа стабилноста и ја потврди својата отпорност на шоковите. Активата, кредитите и депозитите, на годишна основа, пораснаа за 5,8%, 9,7% и 6,7% соодветно. Карактеристично за 2015 година, како што се наведува во соопштението, е тоа што зголемувањето на депозитите се должи повеќе на растот на корпоративните депозити, отколку на растот кај домаќинствата.

Ликвидноста на банкарскиот систем е на задоволително ниво. И покрај благото намалување на ликвидните средства во 2015 година, тие и натаму учествуваат со над 30 отсто во вкупните средства на банките и покриваат близу 60 проценти од вкупните обврски. И во 2015 година, во банкарскиот систем во Република Македонија најзастапен е странскиот капитал, при што 75 отсто од вкупниот акционерски капитал потекнува од странските акционери. Сепак, активностите на домашните деловни банки не зависат од изворите на финансирање од странските матични лица, со што се овозможува стабилност на ликвидносната позиција. Банките очекуваат стабилност на депозитите и во наредниот период.

Ниските приноси на финансиските инструменти на домашниот и меѓународните финансиски пазари, во 2015 година, придонесоа за задржување на склоноста на банките за кредитирање. Следствено, кредитниот раст на банките од 9,7 отсто претставува само мало забавување во однос на растот од 9,9 отстоостварен во 2014 година. Растот на нефункционалните кредити видно забави, со што учеството на нефункционалните кредити во вкупните кредити, на крајот од 2015 година, падна на 10,8 отсто, од 11,3 отсто колку што изнесуваше на крајот од 2014 година. Според НБРМ треба да се има предвид дека за намалувањето на стапката придонесоа и зголемените отписи, а реструктурираните кредити се согледаа како потенцијален извор на кредитниот ризик во иднина, поради што Народната банка ги воведе и макропрудентните мерки за негово спречување. Изложеноста на банките на останатите ризици, пред сѐ валутниот и пазарниот ризик, и во 2015 година беше мала.

Профитабилноста на банките во 2015 година се подобри, во однос на 2014 година, при што повратот на активата и капиталот изнесуваат 1,1 отсто и 10,4 отсто соодветно. На крајот од 2015 година, стапката на адекватност на капиталот изнесуваше високи 15,5 отсто што, при солиден раст на сопствените средства на банките, претставува само мало намалување во споредба со крајот на 2014 година, кога овој показател  изнесуваше 15,7 отсто.