Владата започнува процес на огромно инвестирање во модернизација на АРМ

Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, при посетата на касарната „Илинден“ истакна дека Владата започнува процес на огромно инвестирање во модернизацијата на Армијата на Република Македонија.

Тоа значи инвестиции во опрема, техника, ремонт на хеликоптери, транспортери, оклопни возила…

-Тоа е согласно НАТО стандардите. По светската економска и европска должничка криза сега има економско заздравување и затоа се започнува нов циклус на инвестиции. АРМ ужива голема поддршка, истакна Димитриев и изрази благодарност за се’ што прави АРМ за државата, како на домашно тло во справување со мигрантската криза, така и меѓународно преку мисиите во кои учествува.

Претседателот на Владата се спроведување на изборите присуствуваше и на показна вежба на единици на Армијата на Република Македонија, а во рамките на посетата се поклони и положи цвеќе пред Споменикот на загинатите припадници на безбедносните сили.

Потоа, Димитриев оствари состанок со министерот за одбрана, Зоран Јолевски, со началникот на Генералштабот на АРМ, генерал – потполковник Методија Величковски и со претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ. Министерот Јолевски изјави дека покрај опремувањето, се започнува и со проектот „Евтини станови за армијата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.