Даскаловски: Граѓаните сакаат стабилност и смирување на состојбите

Даскаловски: Граѓаните сакаат стабилност и смирување на состојбите
Даскаловски: Граѓаните сакаат стабилност и смирување на состојбите
Деведесет и девет отсто од граѓаните не учествуваат на протестите, 99 проценти од граѓаните сакаат стабилност и смирување на состојбите, вели во интервју за телевизија Сител Универзитетскиот професор и политички аналитичар, Жидас Даскаловски.

– Тие што имаа што да кажат си кажаа, дури некои и експлицитно си кажаа со обојување на спомениците, од другата страна имавме масовен митинг во Скопје и во други градови, сите што имаа да кажат нешто веќе кажаа, вели Даскаловски.

Тој додава дека време е да се смират страстите, граѓаните да се повлечат во домовите, нормално да фунционира државата.

– Затоа што доста ни е малтретирање, ние што сме 99 % од граѓаните сакаме стабилност на институциите, сакаме договор меѓу тие политички елити и да одиме напред економски и на секој план, заклучува Даскаловски.


Влијанието и мешањето на странските амбасади е преголемо

Даскаловски смета дека влијанието на странските амбасади и странските дипломати во Македонија е преголемо и секој граѓанин тоа ќе ви го каже. Без разлика на етничка и идеолошка припадност.

– Ако правите сондажа на мислења на граѓаните, ќе ви кажат дека е преголемо и тоа е жалосно за земјата. 25 години по независноста ние да имаме толкаво влијание од странските држави. Амбасадорите се претставници на странските држави. Тие дури и на некој начин ги нарушуваат вообичаените дипломатски стандарди и влијаат на внатрешните прилики во една земја, што не би смеело да биде така, вели Даскаловски.

Тој додава дека колку побрзо политичарите, политичките елити ќе сфатат дека ако сами не успееме да си го средиме дворот, многу лоши работи ќе се случуваат.

-Колку побрзо самите си ги решиме проблемите и најдеме излезни решенија, толку подобро. Можеби сега Македонија е во некоја жижа на интересирање на европската и американската дипломатија и политика, меѓутоа тоа е од краткорочен тип. Има многу посериозни проблеми во светот, па дури и на Балканот, со коишто тие ќе се занимаваат и се занимаваат. Значи ние може да имаме некое внимание минорно во моментов, но тоа постепено ќе опаѓа. И повторно ќе кажам, ќе биде до нас, до нашите политички елити да најдат решение за проблемите. Ако имаат интерес на граѓаните и на државата во прв план, тие тоа ќе го направат. Ако имаат теснопартиски интерес, тие ќе продолжат со оваа тензија, притисоци и постојано бојкотирање на институции, преговори и разумно однесување, вели Даскаловски.


Договор мора да има, потребен е компромис за доброто на сите граѓани

-Не би требало да има менување на Уставот, затоа што тоа би бил еден џентлменски договор сега, за ова кризно време. Значи не треба да се правиме наивни, ова е многу кризна ситуација и мора да се најдат храбри одлуки. Храбри одлуки коишто можеби не се стандарди, но во моментов се потребни. Штом се стабилизираме, ние можеме повторно да се вратиме на стандарден систем, вели универзитетскиот професор.

Даскаловски вели дека победникот ја прави Владата, а поразените чекаат 4 години или 8 години за да дојдат на власт.

-Но во моментов мислам дека треба да се оттргнеме од таа реторика победникот зема се, а губитникот нема ништо. Треба да преовладува државниот интерес и интересот на граѓаните за да се даде некаква остапка и да има компромис ќе биде добро за сите граѓани. Сметам дека во моменталната состојба нема да биде адекватно да се оди до крај со инаетењето од страната на ВМРО-ДПМНЕ и од страната на СДСМ. И затоа би било добро, за интересите на Македонија и Македонците како народ, вели Даскаловски.

Тој додава дека ќе биде полезно опозицијата да ги признае резултатите, затоа што ќе биде дел од решението.

-Ако имаат договор, ваков каков што предложивме или некаков поинаков, сега деталите да ги одредуваме ние и да бидат јавни, нека бидат приватни и тајни, мислам дека тогаш ќе ги признаат резултатите од изборите и ќе одиме напред. Еве, да речеме за 2 години нека има повторно парламентарни избори. Меѓутоа ние немаме друго решение во моментов освен вонредна воена состојба. Изборите на 5 јуни ќе се одржат и затоа ние треба да гледаме тие да бидат што е повеќе можно прифатени од сите политички актери. Ќе дојде и лето, мислам дека ќе биде коректно протестирачките страни да се одморат малку и да се стабилизира земјата. Анекс на Пржино, Пржино 2, сеедно. Договор мора да има помеѓу политичките елити, инаку лошо ни се пишува, вели Даскаловски.

Тој додава дека добро е да се вразумат политичарите од двете страни, од опозицијата и владејачката коалиција, а тука западните пријатели треба да ни помогнат.

-Тие што и мислат добро на земјата во смисла да дадат поддршка, компромисни решенија. Доколку тие не го прават тоа, силата ќе биде кај оној кој мисли дека ќе победи со бојкоти, со неучество на избори и протести на улиците, заклучува Даскаловски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.