ЕУ ќе дозволи безвизен режим со Турција

Европската комисија ќе ѝ даде условна дозвола на Турција за движење во шенгенската зона без визи, дознава „Би-Би-Си“.

 Овој потег на Европската комисија е дел од договорот на ЕУ и Турција за емигрантската криза и претставува „контрауслуга“ на официјална Анкара која се согласи да прими назад дел од бегалците кои преку море стигнаа до Грција.

Одлуката за слободното движење на турските државјани во Европската Унија ќе мора да биде одобрена во Европскиот парламент, а Турција ќе мора да се придржува до правилата кои важат за земјите-членки на Унијата.

Како што истакнува „Би-Би-Си“, ЕУ стравува дека Турција би можела да се откаже од договорот околу емигрантската криза доколку не ѝ биде овозможено движење низ ЕУ без визи.

Иако ЕУ очајно се обидува да го одржи договорот со Турција, документот е под критика на групите за човекови права, кои сметаат дека Турција не е безбедно место за враќање на емигрантите.