Во пораст бројот на заболени од астма

Во 2012 година амбулантски прегледани биле 1.920 болни, а во 2015 година бројот е двојно поголем. Бројот на хоспитализирани е во пораст согласно порастот на бројот на амбулантски прегледани. Тоа се болни со потешка клиничка слика и кои бараат хоспитализација. Во 2012 година 1.662 болни биле хоспитализирани, а во 2015 година – 1.905 болни.

Ова денеска на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на астмата, го истакна директорката на Клиниката за пулмологија и алергологија и претседател на Здружението на пулмолози на Република Македонија, Бисерка Ќаева, која рече дека астмата е едно од најчестите заболувања.

– Тоа е болест која трае целиот живот на болниот. Многу е битно болните да имаа квалитетен живот да ги почитуваат препораките на лекарите, да бидат претходно правилно дијагностицирани и да ја примаат терапијата, посочи Ќаева.

Овие болни благодарение на лекарствата кои ги примаат, навременото дијагностицирање, на консулациите кои се прават од страна на нашите лекари во 20-те центри за астма во Македонија, нагласи, имаат многу квалитетно лекување.

– Доказ за тоа е малиот број на пациенти со тешки асматични напади, додаде Ќаева.

Доктор Ангелко Ѓорчев од Клиниката за пулмологија и алергологија рече дека Македонија имаше трета национална програма за борба против астма во светот после САД и Велика Британија во 1991 и 1992 година.

– Таа дамнешна визија денеска е реалност затоа што имаме 20 регионални центри за астма, тоа што никој во Европа, а веројатно и во светот го нема. Имаме единствен регистар за болните од астма, унифицирани дијагностички и терапевтски модалитети кои се имплементираат во сите регионални центри. Имаме единствен критериум и одлични резултати. Денеска имаме комплетна реализација на третата национална програма во светот, истакна Ѓорчев.

Од 2006 година, потенцира, имаме комплетно покривање на нашите пациенти со соодветна терапија.

– Сите лекови, спрејови кои пациентите ги купуваа за многу високи цени – 2.000, 3.000 и 4.000 денари, денеска се на позитивната листа и пациентите може да ги земат за 200, 250 денари, што е од извонредна важност во превенцијата на оваа болест. Бидејќи се работи за хронична болест, тие пациенти мора да ги земаат лековите секојдневно за да имаат комплетна контрола на болеста. Благодарение на таквата светска програма во последните 30 години немаме смртен случај од астма, додаде Ѓорчев.

Доктор Дејан Докиќ, претседател на Македонското здружение за алергологија и клиничка имунологија, рече дека астмата се јавува во детската болест, во првите неколку години од животот. Посочи дека главно се работи за алергиска астма, но понекогаш може да е посредувано и од вирусни инфекции.

– Тие пациенти доколку се лекуваат правилно не доаѓаат на пулмологија како адултни, но оние кои имаат хронична фаза, не адекватно се лекуваат, не ги земаат лековите доволно долго или неправилно ги земаат после од 14 годишна возраст натаму, доаѓаат на Клиниката за третман. Најголем број од болните се од Скопје, истакна Докиќ.

Потенцира дека аерозагадувањето и поленските зрнца придонесуваат придонесуваат пациентите се почесто да се жалат на респираторни тегоби, меѓу кои се и астматичарите.

– Едно аерозагадување кои само по себе и кај здравите лица предизвикува воспаление на бронхијалната слузокожа, кај овие пациенти само ќе ја влоши и ќе ја отежне клиничката слика, додаде Докиќ.

Според Ѓорчев, големиот број болни се должи не само на зачестеноста, преваленцата на оваа болест во светски и во наши услови, туку и на достапноста на Клиниката до пациентите.

– Благодарение на „Мој термин“ пациентите може да консултираат еден еминентен експерт од нашите професори на Клиниката, рече Ѓорчев.

Одговарајќи на новинарско прашање, директорката на Клиниката, Ќаева рече дека дека за една консултација во „Мој термин“ се чека два три дена.

– Има денови кога има и слободни термини кај поголем број од лекарите во амбулантата, рече Ќаева и изрази надеж дека со дополнителната дејност која повторно ќе се воведува на Клиниката, ќе има можност пациентот ако лекарот нема слободен термин за преглед во работно време, да оди на преглед кај него и надвор од неговото работно време за што ќе плати незначително повисок износ отколку со упат.

Во светот бројот на заболени од астма изнесува 350 милиони и се очекува до 2025 година тој да достигне 450 милиони. Мотото на годинашниов Светскиот ден на астмата е „Вие можете да ја контролирате астмата“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.