Најмногу дожд во Крива Паланка, најстудено во Лазарополе

Од УХМР информираат дека денеска до 16 часот најмногу дожд наврнало во Крива Паланка – 18 литри на метар квадратен, а најмалку во Гевгелија – 1 литар.

Најстудено е во Лазарополе каде се измерени пет степени, седум во Маврово, девет во Ѓуриште, 10 во Берово и Пожар, 11 во Пожаране, 12 во Скопје и Крива Паланка, 13 во Претор, 14 во Виница, Охрид, Скопје Петровец и Тополчани, 15 во Прилеп и Тетово, 16 во Гевгелија, Струмица и Штип, 17 во Битола и 18 степени во Демир Капија.

Според УХМР, до крајот на денот времето ќе биде променливо облачно и свежо со повремени врнежи од дожд претежно во источните делови. Ветерот од вечерните часови ќе намалува со интензитетот.

Утре се очекува променливо облачно време со повремен локален дожд во западните и во северните делови. Ќе дува умерен ветер долж Повардарието. Минималната температура ќе се движи од пет до 11 степени, а максималната температура од 12 до 19 степени.

Во Скопје утре ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Попладне ќе има почести сончеви периоди. Ќе дува умерен до повремено засилен северозападен ветер. Температурата ќе се движи од осум до 15 степени.

Во наредните денови, како што информира УХМР, ќе преовладува променливо облачно време повремено со сончеви периоди. Во попладневните часови ќе има локален дожд и услови за ретка појава на грмежи. До четврток ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Дневните температури ќе бидат во постепен пораст. Во следните два дена утрата ќе бидат посвежи.