Аневски за „Дневник“: Обвинителското „Признај за да не лежиш во затвор“ е директна закана

Аневски за „Дневник“: Обвинителското „Признај за да не лежиш во затвор“ е директна закана
Аневски за „Дневник“: Обвинителското „Признај за да не лежиш во затвор“ е директна закана

Директна закана е кога обвинителот ќе му се обрати на осомниченото лице со зборовите „Признај за да не лежиш десет години во затвор“, „Подобро е да признаеш бидејќи во спротивно дебело ќе заглавиш“, „Мисли, имаш семејство“… или некои други слични зборови. Такво нешто е забрането со законот и ја нарушува објективноста на законската постапка, но е и казниво со законот. Начинот на поставувањето на прашањата на осомничените лица и сведоци е дефиниран со законот и прашањата од ваков тип претставуваат класични примери за отстапување од него и се непосредна закана.

Вакво е мислењето во обвинителската фела за случаите што се актуелни во последно време, а се однесуваат на постапувањето на специјалното обвинителство во истрагите што ги водат поврзани за прислушуваните разговори кои почна да ги објавува опозицискиот СДСМ минатата година, пишува Дневник.

Познато е, досега се поднесени седум кривични пријави против обвинители и други лица од СЈО поради земање изјави на сведоци под присила и со помош на мерката изнудување. Од друга страна, начинот на работата на специјалните обвинители деновиве стана проблематичен и во однос на случајот со Kоста Kрпач, кој изврши самоубиство во својот стан во Скопје.

-СЈО соопшти дека тој требало да биде сведок во истражната постапка за случајот што тие го воделе. Но, дилемата за постапувањето на СЈО ја отвори сознанието дека во неговиот стан бил извршен и претрес, а што е сосема невообичаена пракса за објекти што се во сопственост на лицата што се јавуваат во улога на сведоци. Тој факт на свој начин укажува дека нешто се случувало во однос на третманот што Kрпач го имал од страна на специјалните обвинители, односно на свој начин зборува дека тој првин бил осомничено лице, а дури потоа сведок. Kаква улога во таа „трансформација“ имале разговорите со специјалните обвинители и што притоа било користено како „начин на убедување“ сè уште не е познато. Но, фактот дека тој изврши самоубиство укажува дека кај него се случувале големи потреси. СЈО од своја страна соопшти дека врз Kрпач бил вршен притисок за што постојат конкретни докази. Скопското јавно обвинителство завчера побара од МВР, СЈО и од Основниот суд Скопје 1 да му достават разни податоци и документација за овој случај. Тоа треба да помогне во расчистувањето на дилемата кој, всушност, извршил притисок врз Kрпач – дали специјалните обвинители или некои други лица, пишува Дневник.

За Петар Аневски, претседател на Советот на јавните обвинители, нема дилеми дека поставувањето на прашањата со кои осомничениот се предупредува што може да му се случи е директна закана.

– Што е друго освен закана и притисок кога на тоа лице обвинителот ќе му каже дека ќе лежи во затвор со години доколку не признае. Такви сугестии и кажувања се недозволени, тоа е недвосмислено вршење притисок врз тоа лице. Законот и кодексот на обвинителите јасно и прецизно предвидуваат како треба да се поставуваат прашањата на осомниченото лице и на други учесници во постапката – вели Аневски за Дневник.

Инаку, во Законот за кривичната постапка е предвидено дека сведоците задолжително се предупредуваат дека треба да ја зборуваат вистината и дека давањето лажен исказ е кривично дело.

– При неговото испитување не е дозволено служење со измама, ниту поставување такви прашања во кои е веќе содржано како би требало да се одговори – се наведува во законот.

Во овој закон јасно е предвидено дека обвинетите и сведоците ќе бидат запознаени за своите права. Тие се испрашуваат усно и може да им се дозволи да користат свои белешки. Откако ќе даде свој исказ, кој не смее да се прекинува од страна на обвинителот, може да му се постават прашањата доколку е потребно да се отстранат појавените противречности и нелогичности.

– Законот од нас бара испитувањето да се врши на тој начин да се почитува личноста на обвинетиот. Kон него не смеат да се употребуваат сила, закана или други слични средства. Ако е постапено спротивно од законските одредби, тогаш исказот на обвинетиот не може да се користи во постапката,изјавија обвинителите што ги консултирал Дневник.

Забрането е исто така употреба на измама, сугестивни и каприциозни прашања. Односно, прашањата што се поставуваат треба да бидат јасни, разбирливи и прецизни така што да може наполно да ги разбере.

– При испитувањето не смее да се поаѓа од претпоставката дека обвинетиот признал нешто што не признал, ниту смеат да му се поставуваат прашања во кои е веќе содржано како треба на нив да се одговори. Спрема обвинетиот не смее да се употреби измама за да се дојде до негова изјава или признание, објаснуваат обвинителите за весникот.

Во праксата сето ова се прави со водење записник за тоа кој што кажал во текот на постапката или, пак, со снимање на разговорот. Останува дилема дали специјалните обвинители воделе записници или се правени снимки на разговорите што ги воделе со осомничените лица и со сведоците за да се види што се било зборувано во нивниот тек.