23 лица загинаа на протестите во Турција

Во неколку градови ширум Турција синоќа продолжија протестите и судирите на Курди со полицијата, при што бројот на загинатите во немирите достигнал 23 лица, објави МИА.

Во градот Мардин демонстрантите ограбиле продавница за ловечка опрема и излегле на улиците со воздушни пушки. Во центарот на градот биле пронајдени две тела, а полицијата се обидува да го открие идентитетот на загинатите. Во градот делумно е прекинат полицискиот час, но забраните за излез на улиците и понатаму се во сила во еден од реоните каде насилството е на високо ниво. Безбедносните сили ги предупредија жителите дека секој што ќе биде забележан на улица за време на забраната ќе биде уапсен.

Во Истанбул, исто така, избувнаа судири меѓу демонстранти и полиција, во кои едно лице е убиено. Градските власти соопштија дека се уапсени 66 учесници во немирите, а 52 се повредени, меѓу кои и тројца полицајци.

Во градот Агра демонстрантите запалија над десет автомобили и автобуси, како и зградата на општината во еден од реоните.

Немирите не ги зафатија туристичките места. Во провинциите Анталија и Мугла, каде што се наоѓаат повеќето хотели, ситуацијата е мирна.

Во Истанбул, Дијарбекир, Мардин и некои други градови на улиците се распоредени единици на армијата и жандармеријата.

Во протестите учествуваат главно турски Курди, приврзаници на прокурдски партии и на сепаратистичката ПКК. Како причина за демонстрациите се наведува случувањето во сирискиот град Кобане, каде се водат жестоки борби меѓу групата Исламска држава и курдските бунтовници.