„Дневник“: Холандскиот министер нема објаснување што е тоа што му недостига на избирачкиот список

„Дневник“: Холандскиот министер нема објаснување што е тоа што му недостига на избирачкиот список
„Дневник“: Холандскиот министер нема објаснување што е тоа што му недостига на избирачкиот список
Јавноста е веќе информирана за содржината на писмото испратено од холандскиот министер за надворешни работи Берт Kоендерс, во својство на претседавач со Советот на Европската Унија, до сите четворица лидери на политичките партии, во кои им нагласува дека не се исполнети „минимум условите за фер избори“. Под минимум услови што претставуваат проблем, како први два, Kоендерс ги посочил Избирачкиот список и медиумите. Но нигде во писмото не е објаснето врз основа на што холандскиот министер ја темели својата порака, односно кои факти го навеле да заклучи дека, на пример, Избирачкиот список не е прочистен, пишува Дневник.

Сето тоа се констатации, наспроти сугестиите што и досега биле испраќани од Брисел, што го отвора прашањето за фактите врз основа на кои Kоендерс и неговите колеги го донеле заклучокот. Особено што овде во Скопје не можете да најдете ниту еден релевантен соговорник што ќе ви посочи некаков валиден за изборите недостаток на Избирачкиот список, па макар го прашале лично и Зоран Заев.

Оттука, писмено се обративме до кабинетот на Kоендерс, но и до кабинетот за односи со јавноста во холандската влада, нагласувајќи дека бараме итни одговори на следните прашања:

– Kаде е проблемот со Избирачкиот список? Врз основа на што е заклучено дека прочистувањето на Избирачкиот список како услов за фер избори не е исполнет? Имате ли аргументи за да го поткрепите овој заклучок?

Истиве прашања ги поставивме и во врска со медиумските реформи, но одговор од Kоендерс веќе два дена нема. Единствено од одделението за односи со јавноста на владата на Холандија повратно добивме два телефонски броја на кои можеме да контактираме со одговорните од прес-службата, но до затворањето на весникот на истите никој не одговори.

Молкот од холандскиот претседавач со Советот на ЕУ отвора дополнителни нејасности и простор за различно толкување, исто како и самите заклучоци кои им ги упатил на Зоран Заев, Никола Груевски, Мендух Тачи и Али Ахмети. Овој висок функционер би требало во најкус рок, да даде образложение за посочените заклучоци, кои вака објавени, наликуваат на пренесена порака, без и воопшто да се познава суштината односно проблематиката на која се однесува.

Во исчекување на аргументите на Kоендерс, Заев, Груевски, Ахмети и Тачи и вчера молчеа за писмото. Ниту една страна не го коментира.

Инаку, освен за условите, во писмото тој побара итно повлекување на одлуката за аболиција од страна на претседателот Ѓорге Иванов, како и да му се овозможи на специјалното јавно обвинителство да ја работи својата работа.

– Да му се овозможи на СЈО да ја исполни докрај својата обврска без попречувања е витален дел од пржинскиот договор, но и клучно за решавање на политичката криза и враќање на довербата на граѓаните – пишува во писмото Kоендерс.

По примерот на неговите бриселски колеги, Kоендерс не заборави да нагласи дека меѓународната заедница останува посветена да им помага на четворицата политичари за надминување на кризата.