Петровски за „Вечерњи лист“: Удбашите ги презеде Сорос, а на нив се потпираат и странски разузнавачки служби

Петровски за „Вечерњи лист“: Удбашите ги презеде Сорос, а на нив се потпираат и странски разузнавачки служби
Петровски за „Вечерњи лист“: Удбашите ги презеде Сорос, а на нив се потпираат и странски разузнавачки служби
Филип Петровски, директорот на Државниот архив на Република Македонија, за најтиражниот хрватски весник „Вечерњи лист“ зборува за искуствата од лустрацијата како и за инволвираноста на УДБА и СОРОС во насилните преврати.

Лустрацијата во Македонија е стопирана, но лустриравме 200 поранешни удбаши: од уставни судии, министри, професори и академици. Мрежата постои и денес, замаскирани се во демократи, влегоа во сите политички партии, а како што порано имаа позициска предност, дел од нив успешно приватизира големи државни компании.

Удбашите прво ги презеде Сорос, а застрашувачко е што на нив се потпираат и разузнавачките служби од големите држави.

Филип Петровски (44), директорот на Државниот архив на Република Македонија, престојуваше во Загреб и одржа говор на собирот „Недела за соочување со минатото“, кадешто предизвика голем интерес зборувајќи за македонските искуства со лустрацијата. Иако Македонија спроведе лустрација, а Хрватска сѐ уште не, Петровски вели дека не била доволно темелна, траела 7 години, а стопирана е минатата година. Но и тоа било доволно да се лустрираат околу 200 поранешни удбаши и нивни соработници коишто имаат заземено  високи функции во политичкиот и јавен живот на Македонија. Петровски е доктор за политички науки, беше пратеник и генерален конзул во САД.

Тој објаснува дека Законот за лустрација му претходел на оној со кој беа отворени полициските досиеја. Лично, пред 15 години, како член на Собранието, тој учествуваше во донесувањето на Законот за отворање на полициските досиеја. Со тоа беше овозможен пристап до датотеките кои се создадени од политички причини.

– Многу наскоро заклучивме дека згрешивме што помисливме дека тајната полиција на Југославија, колоквијално УДБА, престана со работа во 1991 година. Напротив, тие продолжија со истиот начин на работа и јас се уверив во тоа кога во  2000 година налетав на моето досие, во кое стоеше дека  сум бил обработуван од страна на истите луѓе уште во 1997 година. Досие имав уште кога бев студент којшто беше оценет како опасен за системот, вели тој.

Значи, злоупотребата на тајната полиција не престана со исчезнувањето на Југославија. Се покажа дека тие функционираа во Македонија до 1998 година, кога на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ (десна  национална партија). Кога се отворија досиејата, во ВМРО-ДПМНЕ сфатија дека сите се „обработени“.  Иако секој во Македонија оттогаш може да го види своето досие, имињата на соработниците и оперативците се покриени. Досиејата  во 2002 година се предадени во Државниот архив.

Петровски додава дека биле шокирани откако дознале дека службите кои работеле на профилирањето на ВМРО-ДПМНЕ, односно шпионирање на партијата, биле задолжени да ги шпионираат и додека тие биле на власт од 1998 до 2002 година. Тоа беше Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). ВМРО-ДПМНЕ повторно дојде на власт во 2006 година, а две години подоцна го отвори процесот за лустрација, кој предвидувал, на пример, дека сите кандидати коишто имаат намера да вршат политичка и јавна дејност мора да ѝ јават на Комисијата за верификација на податоци. Значи, ако некој сака да се кандидира за градоначалник, пратеник, професор, треба да има претходно добиена потврда од комисијата дека нема соработувано со тајната полиција, вели Петровски.

Комисијата беше тело независно од Собранието и Владата. Законот за лустрација беше постојано напаѓан од страна на невладините организации, пред сѐ од левата страна, а заврши на Уставен суд со што опозицијата се обидуваше да го дискредитира процесот на лустрација.

– Сепак, комисијата во тие седум години од постоењето направи околу 200 лустрации, од кои 130 лустрации се однесуваа на живи луѓе, а околу 70 на оние кои повеќе не се живи. Противниците инсистираа на прикажување на овој процес како масовен, многу темелен и изведен на суров начин. Се приговараше дека законот претставува уништување на животите на луѓето. Но, ние лустриравме, на пример, и еден уставен судија. Кога тој беше лустриран, неговиот случај го однесе на судот во Стразбур. Сепак и Стразбур потврди дека тој бил соработник на тајната полиција, вели Петровски.

Законот се темелеше на политичките ставови дека оној, којшто соработувал со комунистичките тајни служби, во Македонија не може да извршува политичка и јавна функција. Замислен е како закон кој ќе го прочисти општеството. Постигнат е одреден ефект, дури и луѓето коишто беа соработници на тие служби и самите почнаа да избегнуваат да аплицираат за јавна функција – правеа сѐ за да не бидат објавени нивните имиња. Но, добар дел од  соработниците сѐ уште не ја признаваат лустрацијата. Тоа е случај со еминентен професор на Правниот факултет во Скопје, а ниту деканот на факултетот не спроведе законска обврска да го смени од катедрата.

Петровски потсетува дека законот се однесуваше на секоја јавна функција во општеството, на сите градоначалници, пратеници, министри, професори на универзитети, но, исто така, и на уредниците во медиумите. Тој не се сеќава на случај дека некој новинар бил лустриран. Се појави проблем со кој беше отежната лустрацијата кога беше утврдено дека недостига поголем дел од досиејата. Самиот Петровски откри еден документ од 1965 година, кога беше оформена комисијата на Извршниот совет на Македонија (Владата), а која ја истражуваше злоупотребата на тајните служби во формирањето на досиејата (по падот на Ранковиќ).

И во тој документ се спомнува дека тогаш постоеле досиеја на 137.000 евидентирани македонски граѓани. Денес, Државниот архив на Република Македонија чува  15.000 досиеја, а за над 122.000 од нив не се  знае каде завршиле. Постои трага, но не се знае кој и кога ги има отстрането или уништено. Но, вели Петровски, ревизијата од 1965 година покажа дека инфилтрацијата на тајните служби во општеството била толку голема, што имала моќ да поставува свои директори во компаниите. Ова продолжува и по осамостојувањето на Македонија. Сепак, не може да се процени колку луѓе се опфатени од лустрацијата.

– Лустрацијата не е темелно спроведена, попречена е од страна на опозицијата која постојано врши политички притисок преку Брисел и ЕУ. Нашата влада има добиено сугестии дека треба да се стопира и заврши процесот на лустрација,  со цел да се избегне „создавањето на поделби во општеството“. Со  договор помеѓу Владата и опозицијата, како и поради внатрешната политичка нестабилност, Македонија ја стопираше лустрацијата.

– Тоа мене не ми беше јасно. Каква врска има лустрацијата,  односно откривањето на луѓето коишто имаат соработувано со комунистичките тајни служби против сопствените граѓани, со денешните политички процеси и односи во Македонија, се чуди Петровски.

Тој додаде дека со тоа се покажало дека по 25 години од независноста на Македонија, овие луѓе сѐ уште имаат силно влијание. Но и тоа било доволно да се лустрираат околу 200 поранешни удбаши и нивни соработници коишто заземале високи функции во политичкиот и јавен живот на Македонија. Но, во јавниот живот на Македонија сѐ уште се вклучени луѓе со важни функции, неколку министри, академици, познати јавни личности, професори, а по иницијатива на Петровски се лустрирани 12 лица.