Продолжува судскиот процес против Захир Бекири- Чауш за „Фабриката за афери“ на СДСМ

Судењето на сопартиецот на опозицискиот лидер Зоран Заев, Захир Бекири Чауш продолжува денес од 9.30 часот. На денешното рочиште за случајот „Фабрика на афери“ на СДСМ во кој првообвинет е Бекири, ќе бидат сослушани сведоци на обвинителството.

Адвокатот на Заев и претседател на Надзорниот одбор на СДСМ, Мирослав Вујиќ е адвокат и на Захир Бекири и пред македонските судови го брани него и неговата банда.

На првото рочиште кое се одржа на 25-ти минатиот месец беше откриено дека лични податоци на 54 граѓани се вметнати во 105. лични карти најдени во домот на  Чауш.  Началникот на единицата за финансиски криминал во МВР, Сашо Јовановски, кој учествувал во вештачењата на запленетите лични карти потврди дека на најдените лични карти биле вметнати идентитети на 54 лица и дека станува збор за истите лични карти кои ги објави неделникот „Фокус“, односно новинарот Љубиша Арсиќ и кои потоа беа достaвeни во МВР.

Обвинетиот Чауш тврдеше дека заедно со неговиот брат во фабриката изработувале лекарска документација за потреби пред судовите, документи за пренос на имот на кои стоеле печати од нотари кај кој било утрдено дека немале клиенти со таков идентитет.

Обвинителството од судот во воведен говор побара обвинетите да се огласат за виновни и да бидат казнети. Според обвинителката, браќата Бекири во т.н. „Фабрика за афери” имале опрема со која можеле да направат лична карта каква што ќе посакаат или ќе им биде порачана.

Според обвинителниот акт Захир Бекири се товари за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело, фалсификување исправа и злоупотреба на лични податоци. Неговиот брат Имер, пак, се товари дека сторил кривично дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување кривично дело.

Порталот „Курир“ пишува дека името на Чауш стана познато во јавноста, откако тој беше посочен како организатор на „Фабриката за афери“ на СДСМ. Важи за близок човек на Зоран Заев, а лидерот на СДСМ во повеќе наврати призна дека тој е член на СДСМ со кого имал соработка. Во јавноста се појавија и фотографии на Заев со Чауш направени во централата на СДСМ на Бихаќка.

Притоа „Курир“ потсетува дека во претресот на домот на Чауш во декември минатата година беа откриени повеќе од 70.000 снимени разговори, а кои, според сознанијата на истрагата, требало да бидат употребени како материјал за уценување лица од бизнис­ секторот и од политичката сцена во земјава. Чауш, како што покажа истрагата, бил во честа комуникација и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, како и со техничкиот министер во МВР од редовите на опозицијата – Оливер Спасовски.

Подоцна, во рамките на истрагата во нови претреси на седум локации во Скопје и во околината беа најдени неколку парчиња оружје, лаптопи, мобилни телефони, електронски мемориски уреди и разна документација со лични податоци на граѓани.

Тепихот ја потврди лагата на Заев, Чауш и Фокус

Чауш важи за истакнат член на СДСМ. Неговата сопруга е дел од партиските вработувања на СДСМ и платата ја зема од општинската фирма Паркинзи Центар, каде директорува Саша Богдановиќ, Претседател на Општинскиот огранок на СДСМ во скопски Центар.

caus-2-1

Неодамна на површина излегоа фотографии на кои јасно се видливи детали што упатуваат на заклучокот дека во истата соба каде што се снимени лажните пасоши, многу често престојувал Чауш.

Токму тепихот ја разоткрива аферата со фабриката за лажни пасоши. На површина излегоа фотографии на кои јасно се видливи детали што упатуваат на заклучокот дека во истата соба каде што се снимени лажните пасоши, многу често престојувал Захир Бекири – Чауш, член на СДСМ и главен осомничен во аферата со лажните лични карти. Претпоставките се дека истата таа просторија е токму домот на Чаушот.

caus1

Кон крајот на 2014 година, поточно на 28-ми ноември, опозицискиот неделник „Фокус“ објави дека анонимен граѓанин до неделникот доставил ексклузивен видеоматеријал и 14 фотографии. Опозициското гласило тогаш пишуваше дека од материјалети се гледало  дека во приватен стан или куќа, рачно се изработувале пасоши кои можеле да бидат употребени за изборни цели.

Снимката што се појави беше направена од мобилен телефон, кој во период од 45 секунди набрзина „фати“ кутии со готови пасоши, пасоши што се во процес на изработка, како и компјутер на кој се обработуваат податоци за нов патен документ.

Само неколку дена подоцна, односно на 1-ви декември 2014-та година, лидерот на СДСМ Зоран Заев од трибина во Гостивар изјави дека тоа што се “штанцале пасоши во приватни домови самопотврдувало колку власта е несериозна, колку немало држава и државни институции“.

Да се штанцаат пасоши во приватни домови, ги видовте и сликите и снимките што се излезени. Тоа само по себе најавува што тоа се случува во Македонија за време на избори. И од тие причини, уште еднаш, само оваа афера којашто ја вади Фокус, потврдува колку власта е несериозна, колку нема држава и државни институции и дека се е партија, рече Заев.

caus2

Во исто време, тоа што ја заинтригира тогаш јавноста е кој е ликот што се појавува на снимката. Со оглед дека на снимката беа прикажани само неговите стапала, тоа не можеше да се открие. Но камерата на подот, освен машките стапала, пасошите и кутиите, забележа и нешто друго.

Тоа беа тепихот и шарите. Сам по себе, доколку се цитира дијалог од филмот „Балканкан“ , тоа е тепих како тепих, обичен тепих. Но доколку истиот тој тепих и тие шари се појават и на некоја фотографија, на која нема пасоши, тогаш приказната може да добие сосема друг тек, пишува Телеграф.

Така и во овој случај. Се појавија фотографии на кои се наоѓа токму лицето, познато како главен „менаџер“ на фабриката за афери, односно Бекири – Чауш. На фотографијата се гледа дека тој е во придружба со други луѓе. Но фокусот на вниманието овој пат не е во луѓето во просторијата, туку во тепихот.

pasosi

Тој ги има истите шари, истиот дезен, истата боја како тепихот што се појавува и во видеоснимката каде што е прикажана импровизираната работилница за лажни пасоши. Се поставува прашањето, дали и некој од двајцата ликови што се појавуваат на снимката е токму Чаушот и дали таа е снимена токму во истата таа соба, односно во неговиот дом.

Колку за потсетување, истиот тој беше фотографиран заедно со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и тоа во неговиот партиски кабинет. Во јавноста се појавија и информации дека Чауш бил во комуникација и со техничкиот министер за внатрешни работи, кој е од редовите на СДСМ, Оливер Спасовски.

Овие фотографии јасно и недвосмислено ја откриваат евтината лага и манипулација на опозицискиот лидер, бидејќи на очиглед на целокупната јавност излезе на виделина дека приватниот дом за кој зборува Заев, а каде се штанцале пасошите, всушност е домот на неговиот сопартиец Захир Бекири- Чауш, за кого впрочем Заев сам призна дека е член на СДСМ и негов сопартиец.

Ќе ги дадам сите одговори, тој е член на СДСМ и тој е сликан во канцеларијата моја во која што работам. Нема бегање од таа работа, ниту некој се плаши, призна Заев на 22-ти декември минатата година при гостувањето во „Топ тема“ на Телма, за потоа на 12-ти јануари годинава при гостувањето во Канал 5 уште еднаш категорично да потврди:

Чаушот е член на СДСМ…

caus5

Во фабриката за лажни лични карти беа откриени и 70.000 снимени разговори, кои се претпоставува дека се дел од т.н. „бомби“ на Заев. Спасовски не даде конкретни одговори за што комуницирал со Чауш.

„Курир“: „Фокус“ свесно учествувал во конструирањето на аферата со лажните пасоши?
„Курир“: „Фокус“ свесно учествувал во конструирањето на аферата со лажните пасоши?

Едното од лицата зборува на телефон. Тоа што може да се чуе од разговорот е следново: „А бе, кој ќе се расправа сега, мајката нивна комунистичка. А бе, слушај, батали ги таму, што ги онадиш. Дајте, ајде соберете се, ајде ти, ти, тоа, тоа, ајде работи. Дотерувај ги работите, нека одат работите таму, што е тоа?“

Следува пауза, па разговорот продолжува: „Ма не ги шајкали ич, ајде терај, знаеш што треба да работиш. Ајде вози“.

„Фабриката за афери“ на СДСМ е еден од најголемите скандали во македонската историја, особено ако се има предвид дека во него е вмешан лидерот на опозициската СДСМ, но и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој доаѓа исто така од оваа партија.Токму Спасовски и Заев биле првите луѓе со кои осомничените во Фабриката за афери контактирале кога полицијата тропнала на нивната врата.

Истрагата докажа дека осомничените печателе фалсификувани пасоши и лични карти за потребите на весникот Фокус, кој потоа ги објавувал во наводни афери со цел да се нанесе штета на владејачката партија, што само по себе е уште еден голем скандал.

Во нивната „фабрика за афери” сопартијците на Заев и Спасовски чувале 70.000 прислушувани разговори со кои се тргувало со криминални структури во земјата но и во регионот.

Пронајдени беа и 120.000 украдени лични идентитети на македонските граѓани, но и избирачки списоци од општина Центар, во чие јавно претпријатие е вработена сопругата на Чауш. „Паркинзи општина Центар” важи за партиска фирма на СДСМ, во која се вработуваат партиските кадри и оние кои придонесуваат за партијата.

Не се знае врз основа на кој критериум таму е вработена сопругата на сопартиецот на Заев, но се отвора сериозен простор за сомнеж дека вработувањето дошло како награда за неговото учество во криминалните активности за кои се сомничи раководството на партијата.Во исто време СДСМ бега од соочувањето со политичката одговорност за својата вмешаност во мега скандалот.

Инаку, на Избирачкиот список од општина Центар пронајден во домот на Чаушот  се наоѓале имиња, презимиња и матични броеви на жителите на Центар. Токму имињата на списокот биле запишувани на фалсификуваните лични карти, само што им биле допишувани други адреси.

Дел од медиумите веќе објавија и дека во домот на Чауш се пронајдени и голем број примероци за изработка на уште неколку илјади фалсификувани лични документи. Фалсификувањето, според истрагата, се вршело со машини за изработка на лични документи, идентични со оние кои ги користи Министерството за внатрешни работи.

Како што е веќе познато, Јавното обвинителство потврди дека полицијата при претресите запленила и машини, преси, секачи и друга опрема за производство на фалсификат документи, како и дека опремата е иста со која биле направени и пасошите што пред извесен период се појавија во јавноста преку дел од медиумите.

Сето ова покажува и потврдува дека аферата со фалсификуваните пасоши е класичен автогол на СДСМ, Заев и „Фокус“ и уште еден евтин обид за манипулација на граѓаните кој повторно се покажа како неуспешен. Јасно е дека аферата е дело на членови на СДСМ, како што самиот Заев тврди, фабрикувана токму во домот на неговиот сопартиец Захир Бекири- Чауш.