Скопје, Штип, Гази Баба и Богданци- најдобри инвестициски дестинации во Југоисточна Европа

Скопје, Штип, Гази Баба и Богданци- најдобри инвестициски дестинации во Југоисточна Европа
Скопје, Штип, Гази Баба и Богданци- најдобри инвестициски дестинации во Југоисточна Европа
Градот Скопје и општините Штип, Гази Баба и Богданци добија сертификат за поволно деловно опкружување со што се рангираат меѓу најдобрите инвестициски дестинации во Југоисточна Европа.

Сертификатите за поволно деловно опкружување им беа доделени на локалните самоуправи денеска на 4. Регионален конгрес за бизнис пријателско опкружување во ЈИЕ што се одржува во Подгорица во организација на Министерството за финансии на Црна Гора и НАЛЕД (Националната алијанса за локален економски развој) со поддршка на ГИЗ Отворениот фонд за модернизација на општинските услуги.

Градоначалничката на Богданци Анастасија Олумчева која го прими сертификатот нагласи дека за нејзината општина ќе значи систематизација на условите и обврските што треба локалната самоуправа да ги исполни за да излезе во пресрет на потенцијалните инвеститори на побрз и поефикасен начин.

– Сертификатот за поволно деловно опкружување има огромно влијание бидејќи преку него се остварува мрежа на општини кои исполнуваат одредени  стандарди за можност за размена на информации и на потенцијални инвеститори, изјави градоначалничката Олумчева.

Извршниот директор на ЗЕЛС Душица Перишиќ потенцира дека со проектот „Бизнис пријателскиот сертификат“ се прави обид на некој начин да се изградат капацитетите на општините за да можат да удоволат на сите потреби на инвеститорите, на бизнисите кои веќе постојат, а со тоа да се обезбедат и подобри услови за граѓаните.

– Првпат во 2012 година го видов овој проект и знаев дека е тоа што ни треба и може да ги поттикне и развие дополнително општините, истакна Перишиќ и апелираше до општините да конкурираат за овој проект кој има исклучително големо влијание за нивниот развој.

Таа нагласи дека од 12-те меѓународни критериуми коишто треба да ги исполнат општините за да се стекнат со овој сертификат, најважен, според неа, е Економскиот совет формиран меѓу општината и бизнисите кои постојат, а потоа и услугите кои ги дава општината како што е на пример бројот и структурата на вработени.

Инаку, сертификати добија уште 11 локални самоуправи од регионот и тоа од Босна и Херцеговина, Република Српска, Хрватска и Србија. Досега се сертифицирани 26 локални самоуправи кои даваат квалитетни услуги и имаат поволно деловно опкружување на околу два милиона луѓе и 105 илјади претпријатија. Во Македонија ваков сертификат веќе имаат добиено Велес и Струмица.

Во Подгорица на денешниот Регионален конгрес кон оваа мрежа се приклучи и Црна Гора, а одбраните пет општини први ќе почнат со процесот на сертификација.

Инаку, 90 проценти од сертифицираните општини сметаат дека стекнувањето со бизнис пријателскиот сертификат е многу корисно, односно според направеното истражување од 2012 до 2015 година општините кои се сертифицирале по мерка на стопанствениците привлекле околу милијарда евра директни странски инвестиции што во просек е трипати повеќе од нивните конкуренти кои немаат сертификат.

Во Регионалната мрежа учествуваат 20 институции и организации од Србија, Хрватска, БиХ, Македонија и Црна Гора кои придонесуваат за јакнење на регионалната соработка.

На денешниот 4-ти Регионален конгрес во Подгорица присутна е и министерката за локална самоуправа на Република Македонија Ширет Елези.