Владини грантови за бизниси за лица со инвалидитет

Преку Агенцијата за вработување, Владата има отворен оглас на кој може да се пријават сите евидентирани невработени инвалидни лица кои активно бараат работа и своето вработување сакаат да го решат со финансиска поддршка од државата.

Заинтересираните лица кои ги исполнуваат условите од огласот може да аплицираат во едноставна постапка во која во целокупниот нејзин тек ќе имаат логистичка и стручна помош од Агенцијата за вработување.

На огласот може да се пријават сите лица со инвалидност на кои им е потврдена работната способност врз основа на конзилијарно мислење од надлежните институции. Ова меѓу другите ги опфаќа лицата кои имаат телесна инвалидност, проблеми со слухот, говорот и видот, како и лицата со одредена психичка попреченост кои имаат работна способност.

На почетокот на постапката кандидатите поднесуваат барање за учество во проектот, по што заедно со стручни лица поминуваат специфични обуки врз основа на кои пак во понатамошниот период се пристапува кон заедничко изработување на бизнис план за проектот.

Покрај можноста да посетуваат обука за вештини, за претприемништво и бизнис планирање, државата ќе им помогне на заинтересираните лица да регистрираат правен субјект во Централен регистар и она што е исклучително значајно е дека овие лица ќе добијат грант во форма на опрема и/или материјали во износ од 270.000 денари, средства со кои може да се започне бизнисот и да се обезбеди самовработување на лицата.

-Проектот обезбедува многу позитивни услови и добри можности за сите лица коишто имаат констатирано одреден степен на инвалидност, но имаат работна способност, да отворат свој бизнис и да се самовработат. Средствата коишто ги обезбедува државата се движат во интервалот од 270.000 до 454.000 денари, во зависност од тоа дали лицето коешто се самовработува и е носител на бизнисот останува да работи само или покрај себе вработува дополнителни лица. Тие средства се неповратни и обезбедуваат добра сума со којашто може да се започне бизнисот. Она што е исто така битно е дека по функционирањето на самиот бизнис, по поминувањето на 9 месеци, претпријатието коешто е креирано врз основа на овој проект се здобива со можност и со право да добие еднократна помош од страна на државата во висина од 20 просечни плати, што претставува дополнителна помош којашто е во функција на развој на самата дејност. Огласот е отворен и апелираме сите заинтересирани лица да ги искористат можностите коишто им стојат на располагање, истакна портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

По отворањето на бизнисот и самовработувањето, државата во соработка со УНДП ќе обезбеди стручна помош, менторство и стручна поддршка во водењето на бизнисот во период од една година.

Она што претставува дополнителна придобивка на овој проект е и фактот дека покрај самовработувањето на лицето со инвалидност кое истовремено е и носител на бизнисот, истото лице покрај себе ќе може да вработи уште две дополнителни лица за кои ќе добие дополнителна финансиска помош од 92.000 денари по вработено лице или вкупно уште 184.000 денари кои се додаваат на претходниот грант од 270.000 денари, или се вкупно 454.000 денари државна неповратна помош.

Овие две дополнителни работни места може да бидат пополнети и од страна на лица со инвалидитет но и со вработување на лица на кои не им е констатиран инвалидитетот, а носителот на бизнисот ќе има обврска да ги задржи во работен однос 12 месеци.

Огласот е отворен и од Владата апелираат за искористување на овие можности.