Формиран бизнис клуб – Ѓорче Петров за поддршка на компаниите и олеснување на водење бизнис

Целта на Бизнис Клубот е ефективна соработка на бизнис заедницата во насока на создавање поволни услови за водење бизнис, инвестирање и навремено алармирање за сите предизвици со кои се соочуваат компаниите.

Бизнис клубот – Ѓорче Петров претставува едношалтерски систем за компаниите каде на едно место имаат пристап до сите нови информации важни за нивниот бизнис,  имаат можност поуспешно да ги претстават потребите на секторот во кој работат, како и да се вклучат во конкретни активности кои ќе придонесат за нивниот развој. Формирањето на Бизнис клубот – Ѓорче Петров ќе придонесе за партнерство кое треба да овозможи ефективна соработка со цел забрзување на економскиот развој и создавање поволни услови за водење бизнис и инвестирање.

Компаниите кои делуваат на ниво на општината заеднички здружени и преку Сојуз на стопански комори, а сега и преку општинскиот Деловен клуб ќе имаат можност навремено да ги следат и детектираат предизвиците во општината со цел подобрување на деловното опкружување.

Преку овој клуб ќе се воспостави, поттикне и развива дијалогот на локално ниво меѓу јавниот и приватниот сектор и ќе се зајакнат врските меѓу потребите на пазарот на труд и вештините што се развиваат кај младите преку образовниот систем и претприемништвото. Исто така, се очекува и размена на мислења и информации, како и покренување заеднички иницијативи.

Сојуз на стопански комори на Македонија е македонска деловна мрежа во која пристапија 29 стопански комори, со над 30 групации, здруженија и асоцијации. Со својата организација и со своите 20.000 членови ги промовира и застапува бизнис интересите на компаниите членови и ги поврзува со над 1.000 национални, регионални и интернационални институции и организации.