Стартува предизборната кампања за изборите на 5. јуни

Предизборната кампања стартува и започнуваат да течат роковите на Државната изборна комисија.

Во наредните 20 дена според роковникот се предвидува јавно собирање , јавни настани организирани од страна на учесниците на изборите, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.

На изборите закажани за 5. јуни ќе учествува само Коалицијата за Подобра Македонија предводена од ВМРО – ДПМНЕ, откако претходно Социјалдемократската партија на Бранко Јаневски се откажа од изборната трка, а ДИК констатираше неправилности во кандидатските листи на Народното Движење на Јанко Бачев.
Токму поради специфичната ситуација, ВМРО – ДПМНЕ нема да ја почнува кампањата со класични митинзи, вели партискиот портпарол Иво Котевски, членовите на партијата ќе одат на директни средби со граѓаните. Кампањата ќе се одвива по изборни единици, носителите на листите заедно со партиски функционери на терен ќе ја претставуваат програмата.
Иако на гласачкото ливче ќе нема можност за избор, сепак Уставот не предвидел дека на овој начин не можат да се одржат избори.
Избори на кои граѓаните немаат можност да избираат туку да гласаат само за една партија или коалиција не е познато во македонската пракса.